Д-р Ангелчо Андоновски: Кина е приказна без крај

Точка

31/10/2019

14:49

2.834

Големина на фонт

а а а

Неодамна директорот на Детската болница „Козле“, Ангелчо Андоновски имаше можност да престојува во земјата на редот и дисциплината, но и земја каде што се чувствува најголема слобода.

Земјата во која, како што вели тој, народот е како река, постојано активен, но спокоен и смирен. Што значи да си лекар во Кина, а што пациент? Што можеме да научиме од нив, а што тие од нас? Одговорите ги има токму тој. Уживајте во ова несекојдневно патување.  

Кој е првиот впечаток кој го остава Кина кога ќе згазнеш на нивно тло? 

- Едно е што ќе види окото, друго е чувството да се доживее тоа, како искуство, како момент кој сигурно секој би сакал да го доживее. Кина има своја длабока убавина која што е од многу векови наназад. Секако дека низ вековите имала постојано менување но, убавината останала. Секој би почувствувал дека се наоѓа во друга димензија, бидејќи навистина ништо не е исто како што ни е познато на нас, друга култура , друга цивилизација.

Кинезите важат за питом, мил народ, какво е искуството ваше, какви се како колеги, лекари? 

- Народот е навистина питом, како река се, така живеа така и работат. Она што е исто така интересно е дека мирот е присутен постојано и се чувствува насекаде. Постои голема дисциплина и ред. Културна придобивка, но и традиција на такво живеење и респект еден спрема друг. Од моите колеги, кои ги видовме и работевме со нив и навистина имаше што да се види. Нивната медицина е со огромна традиција и е од памтивек. За се имаат соодветен протокол на работење кој навистина се разликува од нашите. Медицината им е поделена на:

Традиционална, кинеска медицина и западна медицина. Традиционалната медицина им се базира врз основа на стекнати и откриени искуства низ вековите и опфаќа сплет на култура, традиција, фитофармација, но и сето расположливо кое може да го понуди природата. Акупунктурата, инхалаторната терапија, физиотерапијата, масажните техники, тоа е како основа со која го почнуваат секој третман и лекување. Чаевите се секојдневие во таа држава и составен дел на лекување. Она што го видовме околу начинот кога се употребува западната медицина е по исцрпување на сите протоколи од традиционалната кинеска медицина. Ако дојде до влошување, тогаш пак употребуваа западна медицина. Колегите ни пренесоа доста знаења од нивната сфера, бевме радосни тоа што го научивме и може да кажеме дека слободно можеме да се потрудиме и ние еден убав дел да имплементираме и кај нас.

Што е она што можеме да го научиме од нив од вашата област, а што тие од нас?

- Нивниот жар и посветеност е тоа што ние треба да го имаме постојано како фела. Постојано да сме внесени во желба за нови знаења и постојано да се надоградуваме, како професионално така и човечки. Да ги цениме вистинските работи и да помагаме секому кој има потреба од помош. Ние пренесовме доста работи од нашите области, како и начините на кои ние лекуваме и кои се користат кај нас и во Европа и светот.

Во какви услови работат?

- Условите се разликуваат зависно во кој дел се наоѓа една болница. Онаа што јас го видов во детските болници е дека хигиената е на највисоко ниво, апаратурата која ја поседуваат е врвна технологија, доста работаат на превентивата инутрицијата. Мојата посета на Централната Детската болница во Пекинг и Ургентната детска болница во Таиуан беа нешто што никогаш нема да го заборавам и би се стремел да можам се да имплементирам и тука кај нас и да работиме на тој начин и со таква опрема, дисциплина и елан.

Колку се платени лекарите спдцијалисти таму? 

- Лекарите специјалисти се платени доволно како за нивните услови, од прилика платата се движи околу 1000 до 1500 евра. Но, на нив и условите за работа им се направени да се чуствуваат како во домашни услови затоа што се посветени на работата и постојано се присутни.

А што ве разочара?

- Разочарување немав од никаков тип и вид. Баш напротив свесно и желно запишував како со апаратот така и со видот и мојата меморија и се беше воодушевување. Можам само да кажам дека имаат многубројна нација , многу народ и живеат во еден контролиран и дисциплиниран систем.

Имавте ли време за приватна прошетка, посетивте ли некоја знаменитост?

- Знаменитости безброј, но агендата и распоредот на работата не дозволија да имаме премногу слободно време. Она што е за одбележување и заштитен знак на Кина успеавме до некаде да го видиме:

Кинескиот ѕид, Забранетиот град, Најголемиот Буда во Камен, Олимпиското село, Светата планина , и т н . Тоа е една култура која навистина плени со својата иновативност и развој, со градби како и во минатото така и денеска. Највисоката зграда од 150 спрата, монументални мега градби, модерни технологии, брзиот воз со брзина од 300 км на час. Секој град е посебен, безброј градини и храмови.. Погледот плени постојано, а особеност што ќе ја повторам е големиот мир кој се чуствува иако тие постојано се во движење и постојано активни, игра на плоштадите, вежби по парковите, постојана традиционална музика и ред на други убавини кои и тие самите ги создаваат.

Каков е стандардот?

- Стандардот е пак повторно зависен од место до место, од град до град , од зона до зона, од покраина до покраина. Кина има 1 милијарда и 600 000 милиона жители. 36 покраини и 56 народи. Сите допринесуваат за својата татковина сплотено во еден убав контролиран и дисциплиниран систем. Секој кој има прилика да ја посети Кина да отиде и да го доживее моментот кој не се заборава и кога ќе се врати ќе знае да го цени својот мир и да има смиреност и спокој и секако добро здравје.

(А.В)



Спонзорирани линкови

Маркетинг