Хилари Харис (31), која како бебе била посвоена, седум години безуспешно го барала своето биолошко семејство, откако ја собрала документацијата од посвојувањето пред да стапи во брак во 2012-та година.
Дознала дека нејзините биолошки родители се викаат Бони Карл и Вејн Клоуз, а од приложената посмртница дознала дека татко ѝ починал во 2010-та година и дека има полусестра Дон Џонсон.
Упорното пребарување на Фејсбук не ги донело резултатите, сè додека минатата година до нивната куќа не се доселил брачен пар.
5-годишната ќерка на Хилари, Стела, веднаш ги засакала новите соседи и постојано одела кај нив. Хилари не била воодушевена што 5-годишната ќерка поминува толку време со 50-годишната Дон, со која таа никогаш не разговарала.
Меѓутоа, знаела дека Дон е од истиот град исто како нејзината одамна изгубена сестра. Кога еден ден го погледнала пакетот на заедничкиот влез, видела дека е адресиран на име Дон Џонсон.
Почувствувала возбуда во стомакот и веднаш му се јавила на сопругот на телефон.
„Се презива Џонсон, Дон Џонсон, тоа мора да е таа“, му рекла.
Сепак, поминале неколку денови пред да собере храброст да разговара со соседката.
„Што ако не знае дека постојам? Што ако тоа е тајна?“, се прашувала.
На крајот ѝ испратила порака на Дон. Сфатиле дека се сестри по таткото Вејн Клоуз, кој починал во 2010-та година. Очувот ја чувал Дон, а биолошкиот татко го запознала дури на 18 години. Никогаш не ѝ паднало на памет дека можеби тој има уште деца.
Другиот ден Дон дошла кај Хилари со букет цвеќе и фотографии од биолошкиот татко.
„Сигурна сум дека тоа е судбина. Бев многу тажна кога открив дека татко ми е мртов. А, кога ја сретнав Дон, добив одговор на многу прашања. Таа е дел од сложувалката која недостигаше и која се обидував со години да ја составам“, изјавила за Вашингтон пост.
„Многу сум среќна што имам прекрасна соседка, која ми е и сестра. Имам и внука која доаѓа да си игра и допринесува да се чувствувам помлада“, вели Дон.
„Никогаш немојте да престанете да барате. Проверете во соседството. Никогаш не знаете што може да дознаете“, вели таа.