Неверојатна глетка: Долна Саксонија крие илјадници нови Мерцедеси кои не може да бидат продадени

Точка

02/09/2019

15:50

18.154

Големина на фонт

а а а

Фотографиите, видеата и извештаите на германските медиуми, откриваат несекојдневна слика - река на паркирани нови автомобили на Мерцедес. Што се крие зад тоа?

Пред околу една година се појавија извештаи дека Дајмлер групацијата закупила воен полигон во германската покраина Долна Саксонија. Поранешниот аеродром крие стотици нови автомобили на Мерцедес, паркирани на пистата долга околу 2,5 километри.

Овој полигон бил користен за „складирање“ на автомобилите погодени од дизел скандалот, меѓутоа во изминатите неколку седмици, на пистата продолжиле да пристигнуваат се повеќе нови кросовери.

Како што известуваат германските медиуми, буквално секој ден во изминатите месеци шлепери пренесувале огромни количини на нови возила на поранешниот воен полигон. Површината е добро обезбедена и покриена со безбедносни камери, а наоколу се наоѓаат соларни панели и дополнителни, нови огради.

„Билд“ пренесува дека се паркирани и примероци на луксузните Мејбах изведби, а огромна е бројката на моделите со ознака "C, E, CLS, ML и R" класа. Истражувањето на „Радио Бремен“ открива дека во Мерцедес биле регистрирани проблеми со контролата на квалитет во фабриката во Алабама, па така Дајмлер биле принудени на високи трошоци за транспорт и логистика за 9 илјади автомобили да бидат пренесени од САД во Европа, односно до Германија каде што проблемите треба да бидат санирани.


Според извештајот на "Automobilwoche", дури 40 илјади автомобили на Мерцедес не можат да бидат испорачани поради проблеми со седиштата и браниците.

Дел од германските медиуми се обиделе да стапат во контакт со Дајмлер, меѓутоа од таму не биле премногу расположени за разговор и порачале дека станува збор за „целосно нормален процес, дел од секојдневие“ и дека ваквите „логистички зони“ биле дел од планиран процес.


Иако од Дајмлер се обидуваат да го прикажат огромниот аеродром полн со нивни нови автомобили како нормална работа, сепак германските медиуми тврдат дека компанијата се соочува со проблеми во поглед на квалитетот, со посебен акцент на автомобилите кои се склопени во американската фабрика во Тускалоса.



Спонзорирани линкови

Маркетинг