ГДУ: Потребно е кратење на администрацијата и на министерствата

Макфакс

22/06/2019

14:44

1.258

Големина на фонт

а а а

Моделот „Лика” и „40-те советници” има тенденција да биде бетониран во нашиот политички систем.

Утре, претседателот на Владата Зоран Заев, треба да го достави до Собранието предлогот за реконструкција на Владата и притоа да ги соопшти деталите околу имињата на новите министри и ресорите со кои тие ќе раководат. Предлогот треба да биде усвоен на собраниска седница во наредната седмица. Ние од ГДУ не се сомневаме дека предлогот на Заев ќе биде усвоен во парламентот, но имаме огромни сомневања за тоа дали „Моделот Хазби Лика“ ќе остане во минатото, соопшти Граѓанско Демократска Унија-ГДУ.


Според партијата, најверојатно Лика нема да биде министер, но според нив проблемот е системски.

„Системот со својата тромавост и органска неподносливост на реформи не може да биде сменет на подобро со промената на неколку имиња на клучни позиции, кои од директори ќе станат министри или пак обратно.Потребна е структурна реформа со пирамидално кратење на администрацијата од врвот па надолу, намалување на бројот на министрите (голем дел од сегашните се именувани само за да се задоволат коалиционите апетити на помалите партии), намалување на бројот на советници, намалување на бројот на целата таа државна машина, којашто се задвижува од луѓе кои дури не сметаат дека е важно да се појават на работа, каков што е случајот и самиот Лика. Наместо кратење, Владата на Заев ќе се збогати со уште едно министерство. После тоа, како да му веруваме на Заев дека со нешто е поразличен од неговите претходници?!

Мира Дизел е новата Силвана Бонева, Амди си е истиот шмекер, Крсто и неговата дружина стојат достоинствено до вратата за преговори со ЕУ и чекаат знак за да ја „отворат“. Директорите директоруваат со надеж дека ќе станат министри, а министрите не се оптеретуваат премногу, бидејќи и да ги фати „метлата“ ќе им се најде некое директорско или заменик директорско место. Нели затоа се воведе и оваа мерка со замениците директори, операција за мир во куќа. Сè е исто само Груевски замина за Будимпешта и понекогаш нè потсетува за своето постоење во азил со статусите на Фејсбук. Сè е исто и ќе остане така сè додека власта не се охрабри да ги направи првите и најважни чекори: кратење на администрацијата почнувајки од министрите и министерствата во владата, намалување на бројот на пратеници и промена на изборниот модел. Само така ќе ја ограничиме можноста од појава на нови министри кои не одат на работа и од нови пратеници кои одат на работа само за да ги полнат своите џебови со пари од патни трошоци. Само така ќе тргнеме барем за милиметар напред и ќе направиме промена, бидејќи истата е потребна”, соопшти ГДУ.



Спонзорирани линкови

Маркетинг