Заев побара оставка од директорот на затворот во Шуто Оризари

Макфакс

22/02/2019

12:01

2.752

Големина на фонт

а а а

Премиерот Зоран Заев побара оставка од директорот на затворот во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, по вчерашните вербални и физички напади на ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски.

„Во затворот секој треба да си ја врши работата и да не дозволува ни намерни ни ненамерни инциденти. Секое лице што доаѓа таму лишено од слобода треба да биде безбедно. Со оглед на тоа што Владата го именува директорот на затворот во Шуто Оризари, очекувам тој во понеделник до Владата да поднесе оставка“, рече премиерот Заев на денешната конференција за борба против корупција.

Премиерот објасни дека се слушнал со директорот Котевски, кој му поднел устен извештај за инцидентите. Според директорот, Ристовски прв вербално нападнал друг притвореник, а за кусо време се случил уште еден инцидент. Премерот тврди дека вакви постапки нема да се толерираат без оглед дали истрагата ќе покаже дека нападнатите го испровоцирале инцидентот или не.

Инцидентот се случи вчера, во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. По вербалните напади, имало и физички напад по кој ексминистрите Јанакиески и Ристовски се јавиле кај затворскиот лекар, а Јанакиески бил префрлен во Градската општа болница „8 Септември“, а откако не била утревредна потреба да биде задржан, го вратиле во истражниот затвор.

Поранешните министри Спиро Ристовски и Миле Јанакиески од завчера се во 30-дневен притвор. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги осомничи дека се дел од шестемината што ги организирале насилствата во Собранието на 27 април 2017 година.


Котевски: Ќе поднесам оставка, зборот на премиерот е последен

Директорот на истражниот затвор во Шуто Оризари, Ѓоко Котевски, ќе го послуша премиерот кој од него побара оставка по вчерашниот инцидент во кој беа нападнати ексминистрите Миле Јанакиески и Спире Ристовски. Оставката најави дека ќе ја поднесе во понеделник до кога очекува да заврши и внатрешната истрага за одговорноста на лицата вработени во затворот.

„Зборот на премиерот е последен збор. Ако е прв меѓу еднаквите, треба да се почитува неговиот збор. Јас дополнително ќе разговарам со премиерот бидејќи би сакал ако може да имам простор да ја завршам истрагата и со комплетен извештај да истапам и пред Управата за извршување санкции, пред Министерството за правда и министерката Рената Дескоска и пред премиерот. Ќе ја почитувам одлуката во однос на побараната оставка. Барам само да ја завршам истрагата“, изјави за „Макфакс“ директорот Котевски.

Тој тврди дека со внатрешната истрага утврдиле нови детали кои ќе ги соопшти откако ќе заврши истрагата. Смета дека се работи за монтиран случај.

Ексминистрите Јанакиески и Ристовски се под постојан надзор, а сместени се во хашкиот оддел во затворот.



Спонзорирани линкови

Маркетинг