Што носи Законот за амнестија и каква состојба имавме во 2018 година во Македонското правосудство?

Точка

28/12/2018

12:34

8.277

Големина на фонт

а а а

Што носи еден Закон за амнестија, какви последици истиот предизвикува, какви рефлексии носи за Македонското правосудство, каква е моменталната состојбата во македонското правосудство и што може да очекуваме во годината која ни доаѓа разговараме со Адвокат Иван Станојевиќ, еден од младата генерација на успешни адвокати во Македонија.

За почеток, каков е Вашиот коментар за Законот за амнестија донесен пред неколку дена за настаните од 27 Април 2017 година?

Во суштина и во практиката не постои Закон за амнестија кој не задира директно во правосудниот систем, со кој на еден груб начин политиката не се меша правосудството. Токму затоа носењето на вакви Закони, треба и мора да биде внимателно, прецизно и во неговото изготвување да учествуваат лица од различни области на правосудниот систем. За жал кај нас тоа ретко кога се случува. Затоа и овој последен Закон за амнестија кој се однесува за настаните за 27 април 2017 година, кој патем е шести Закон од осамостојувањето од голем број професори и практичари е критикуван и оспоруван.

Без разлика што индивидуално на некои лица тој им оди во прилог, за да не се урнисаат правните темели на државата сите закони особено еден ваков со кој на еден начин се ограничува дејствувањето на судот и неговите одлуки мора да биде правно перфектен. За последниот закон од формално правен аспект можам да кажам дека е далеку од перфектен, во најмала рака со чудни и непрецизни решенија.

Какви рефлексии и последици истиот носи за Македонското правосудство?

Вака концептиран Закон за амнестија ќе донесе голем број на конфузии и дилеми кои ќе останат да тлеат во нашиот систем. Без разлика што апсолутно се согласувам со потребата од национално помирување, со потребата од релаксација на ова наше општество, со нужноста како нација конечно искрено да започнеме да се бориме за подобро утре, сепак вакви Законски решенија не носат позитивни рефлексии. Довербата на луѓето во целокупниот наш систем е разурнета, голема е бројката на луѓе кои не веруваат во правда и правичност на нашето судство и тоа е слика која доколку сакаме поведра иднина мора да ја подобриме.

Каква е денес состојбата во правосудството?

Општо познат факт е дека заостануваме многу зад едни европски вредности и стандарди на правосудниот систем. Проблемот е присутен со години наназад, истиот секогаш започнува од коренот и ако сакаме навистина да го решиме таму треба и да го бараме. Така што најпрвин како земја мора да имаме јасна цел и стратегија во кој правец сакаме да се развива овој наш правен систем. Од факултети, до судови, нотари, адвокати, извршители, до основни услови за работа во кои работат овие луѓе, до достапност и пристап на информации, технологија и техничко образование на овие лица.

Денес во најголем број од судовите нема основни технички и санитарни услови за работа, технологијата во правосудните институции во ова време на една нејзина тотална експанзија е на едно мизерно лошо ниво, немотивирани службеници, ниска контрола над работењето на системот, сето тоа не води кон една очајно лоша состојба на целокупниот правосуден систем.

Навистина мора брзо, агресивно, но и темелно и посветено како држава да се насочиме кон подобрување на оваа состојба, доколку сакаме за неколку години да видиме подобрување во оваа сфера.

Каква беше за Вас оваа 2018 година на професионален план?

За нас како адвокатска канцеларија можам да кажам дека ова беше уште една успешна година. Ние сме еден тим, кој е комбинација на искуство и енергичност, желба за успех, за напредок и апсолутна посветеност кон довербата која клиентите ни ја даваат. Затоа и бројот на клиенти, како на физички, така и на правни лица постојано се зголемува и ние сме среќни поради тоа. Веруваме дека 2019 година ќе биде година каде значително ќе се подобрат состојбите и условите во нашето правосудство, веруваме дека конечно енергично ќе се влезе во справување со наталожените проблеми и дека по изминување на 2019 конечно ќе бидеме во позиција да кажеме дека одиме по вистинскиот пат.



Спонзорирани линкови

Маркетинг