Обвинителен предлог за Тони Михајловски за закани кон новинарот Бранко Тричковски

Макфакс

17/10/2018

12:50

4.782

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство поднесе обвинителен предлог против едно лице за загрозување на сигурноста. Иако обвинителството не го прецизира идентитетот на обвинетиот, „Макфакс“ дознава дека се работи за обвинение против актерот Тони Михајловски за закани врз новинарот, Бранко Тричковски.

„Обвинетиот се товари дека на 16.06.2017 година, по пат на информатички систем, се заканил дека ќе стори кривично дело за кое е пропишана казна затвор од 5 години или потешка казна. Заканите биле објавени во форма на коментар на неговиот профил на една социјална мрежа и биле насочени кон оштетено лице – новинар, при што обвинетиот повикал на физичка ликвидација и ја загрозил сигурноста на новинарот“, наведе обвинителството.

Михајлоски на датумот што го наведе Обвинителството објави „Фејсбук“ статус дека може да го убие Тричковски без око да му трепне.

Тричковски: Михајловски ми се закануваше повеќепати, се почувствував загрозен

Тричковски за „Макфакс“ вели дека Михајловски во континуитет му се заканувал, а тој во повеќе наврати се чувствувал загрозен.

„Тој се закануваше повеќе пати. Се почна од случајот со терористичкиoт напад во Куманово, па навака. Имаше негови закани поради кои јас во повеќе моменти се чуствував загрозен. Дадов изјава во Обвинителството. Јас поддржувам кривичен прогон за тоа лице“, рече Тричковски за „Макфакс“.

Тони Михајловски остана недостапен за коментар, по отворениот предмет на ОЈО. Тој на социјалните мрежи, пред една година, напиша „Би можел да го убијам Бранко Тричковски и око нема да ми трепне“.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, вели дека ова е позитивен чекор на Обивинителството, бидејќи говорот на омраза мора да биде казнет.

„Мислам дека е позитивно, по целиот притисок што го вршиме јавно упатен кон Обвинителството за да почнат да ја работат работата за која се платени. Се додека тие не ги санкционираат ваквите непримерни однесувања во јавноста, до тогаш говорот на омраза ќе е присутен и последиците ќе бидат големи. Нашите институции мора да разберат дека говорот на говор не е слобода на говор, туку злоупотреба. Говорот на омраза сака да ги застрашува луѓето да не го кажуваат тоа што го мислат“, изјави Селмани за „Макфакс“.

Пред една година, по заканите за Михајловски, осуда стигна и од Министерството за култура, од каде исто така бараа кривична одговорност.



Спонзорирани линкови

Маркетинг