Заев: Македонски јазик и идентитет признаени од целиот свет е вековна придобивка за Македонија

Макфакс

11/09/2018

21:41

1.033

Големина на фонт

а а а

Претседателот на Владата и претседател на СДСМ, Зоран Заев, денеска присуствуваше на граѓанската дебата во Македонска Каменица на коалицијата „Заедно за европска Македонија“ и пред граѓани зборуваше за важноста да се излезе и гласа на референдум.

„Со договорот од Преспа, договорот со Грција што го постигнавме имаме целосна заштита на македонскиот идентитет, целосна заштита на нашиот македонски јазик. И не само тоа. Договорот е потпишан од грчка страна. Грција го признава нашиот македонски јазик, Грција признава македонски идентитет“ , истакна премиерот Заев.

Заев додаде дека вековна определба на нашиот народ, на нашите дедовци и прадедовци е да имаме земја признаена од целиот свет во која живее доминатно македонски народ којшто зборува македонски јазик признает во целиот свет.

„Со договорот од Преспа го постигнавме тоа. Точно е, направивме компромис. Разграничивме северен дел на Грција којшто се вика регион Македонија од нашата Македонија. Но факт е, сите знаеме, учевме во учебниците дека има Егејска Македонија, дека има Пиринска Македонија, па зборуваме за Мала Преспа, Македонци кои живеат во Албанија. Факт е дека од тој историски регион Македонија ние сме северниот дел. Преку ваквиот компромис конечно добивме земја признаена од сите, со народ македонски признаен од сите којшто зборува македонски јазик признаен од сите. Ова е вековна придобивка за нашата Македонија“, порача премиерот Заев.

Пред присутните граѓани на Македонска Каменица, како што информираат од Владата, се обратија и градоначалничката Соња Стаменкова и младиот политиколог Никола Ќурчиски, кои исто така ги повикаа граѓаните да излезат и гласаат на референдумот на 30 септември.



Спонзорирани линкови

Маркетинг