М-р Тимчо Муцунски е асистент - докторанд на Правниот факултет „Јустинијан Први“, ко-автор на универзитетски учебници, а од неодамна е именуван и за заменик на министерот за информатичко општество и администрација во Владата на Република Македонија. И уште ако на сето ова се додаде дека има само 26 години, заклучуваме дека се работи за едно навистина импресивно портфолио за еден толку млад човек.
Дел од одговорот на ова прашање веројатно би требало да го дадат други лица. Tука мислам, пред сè, на поединиците кои одлучиле да ми ја дадат довербата за овие работни места. Од моја перспектива можам да констатирам дека обезбедувањето на звањето асистент е резултат на еден подолгорочен процес на солиден ангажман на Правниот факултет, моја силна посветеност кон науката и научното истражување и не помалку важната дадена доверба од страна на моите професори и претпоставени.
Што се однесува до изборот на функцијата Заменик министер, повеќе од јасно е дека довербата е дадена од страна на Претседателот и органите на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, мандатарот за состав на Владата и Собранието на Република Македонија. Овде би можел да додадам дека во секој професионален предизвик сум влегувал максимално посветено и со сиот мој капацитет. Евидентно е дека сум млад, но исто така морам да забележам дека во мојата досегашна професионална кариера, според реално поставени критериуми имам постигнато добри резултати.
Моја искрена надеж е дека ќе успеам да ги исполнам очекувањата на оние кои ми ја имаат дадено довербата и во таа насока континуирано ќе се обидувам и во иднина сериозно, одговорно и квалитетно да ги извршувам поставените задачи и цели.
Неблагодарно е да се прават споредби и да се извлекуваат едноставни и брзи заклучоци во однос на квалитетот на животот во било кои две држави, особено имајќи го во предвид различниот историски развој, степен на развиеност на политичкиот, економски и социјален живот, различната географска локација, богатството или недостатокот на различни видови на ресурси.
Во денешна Македонија, организацијата на животот и нашите творечки активности во голем дел зависат од нас самите, особено од тоа, колку брзо ќе успееме да се прилагодиме на секојдневните и современи промени, до кој степен ќе ги искористиме развојот на информатичката технологија и иновации за сопственото унапредување, колку брзо и квалитетно ќе го развиваме нашиот образовен систем и ќе го подигнуваме нивото на здравствена заштита, колку внимание ќе посветуваме на културниот развој, дали семејството ќе остане во центарот на нашето вниманието, и каков вид на забавни и спортски активности ќе го привлекуваат нашето внимание.
Со поголем степен на одговорност и респект на едни кон други и зголемен работен ангажман во рамките на нашите работни и приватни позиции во општеството, можеме да создадеме потполно идентични услови на живеење како и во највисоко развиените држави. Зарем имаме друг избор освен да вложиме максимални напори во обезбедување на сите потребни услови да создадеме уште подобар квалитет на животот за нашите родители, за нас и генерациите кои доаѓаат.
Како резултат на мојата максимална посветеност кон образованието и силната поддршка која ја имав од родителите средното образовани го завршив во Канада на свои 16 години, во кое време ми бише доделена и целосна стипендија за студии на Queens University. Имајќи го во предвид фактот дека до тој момент скоро целото мое образование го имав стекнато надвор од Република Македонија во консултација со моите родители ја донесов одлуката редовните студии да ги започнам и завршам во Република Македонија. Многумина и тогаш и сега ме прашуваат дали ја донесов вистинската одлука и дали можеби требаше да постапам поинаку. Но, мојот одговорот верувајте е искрен, одлучен и идентичен како и пред десет години.
Секако дека сум крајно благодарен на наставниот кадар и образовните институции во САД и Канада. Во тие две држави стекнав исклучително позитивни искуства, силни работни навики и квалитетно образование, создадов многу нови долготрајни другарства и пријателства, кои доколку не престојував таму веројатно не би ги имал, а кои се надевам со понатамошниот развој на мојата кариера ќе успеам да ги валоризирам во интерес на развојот и на мојата земја.
Кое е твоето мислење за моменталната ситуација во Македонија и што треба да се промени ?
Тимчо Муцунски: Не се сомневам во тоа дека сите посакуваме политичката криза во која актуелно се наоѓа Република Македонија да се разреши што е можно поскоро, бидејќи сите наши граѓани без исклучок заслужуваат мир, спокојство и економски просперитет. Никој нема право да ни ја одземе европската перспектива, никој нема право да ни нуди готови рецепти ниту експерименти кои не се применливи ниту во една држава во светот. При тоа секако не треба да се заборави дека еден од основните принципи кои произлегуваат од Повелбата на ООН е и забранетото мешањето во внатрешните работи на суверените држави.
Решението за излез од оваа криза е внатрешно, при што мораме да веруваме во капацитетот и добрите намери на институционалниот систем и на сите оние кои на свои плеќи прифатиле да го носат товарот на политичката одговорност и кои конечно е потребно да се издигнат на нивото на нивна висока одговорност. Преку политичка зрелост и искрен дијалог секојпат е возможно да се изнајде оддржливо решение во рамките на институциите на системот и во согласност со Уставот и законите на РМ. Решението најмалку треба да се бара во задоволување макар и на минималните услови на оние поединци кои бараат власт која не потекнува од народот, затоа што изборите се единствениот демократски механизам преку кој се добива и заслужува, или истовремено се губи, просторот за политичко и демократско владеење.
Моќта е таму каде што можете да создадете најмногу промени кои се во интерес на мнозинството граѓани, и токму тука е политиката која на непосреден или посреден начин ја обезбедува таа димензија проткаена со редица активности кои можат да го подобрат животот на граѓаните. Нема ништо поубаво и похумано од работа со студенти, но исто така од исклучително значење е потребата од посветување на големо внимание и важност кон развојот на научната и научно истражувачката работа – од создавањето на научни трудови, со интенција да бидат цитирани и признати во научниот свет. Моите долгорочни планови во најголем дел се поврзани со наставно – научната и истражувачката работа и кариера. Сепак морам да заклучам дека во вакви турбулентни времиња одговорноста мора да ја понесат и младите луѓе, кои е пожелно своите сознанија, чесни и добри намери, како и искрени пораки непосредно да ги пренесат и во рамките на активните политички води.
Кога би можел да одвоиш неколку работи за себе, кои би те одвоиле од генералната замисла за еден "политичар" во очите на граѓаните, што би било тоа?
Тимчо Муцунски: Извршувањето на политичката функција и улогата на политичар претпоставува да се работи во интерес и во служба на граѓаните. Оттука, првата обврска на секој политичар, независно од неговата возраст, е да биде во постојан и непосреден контакт со граѓаните и да респонзивен на нивните потреби. Не знам дали тоа што го правам ме разликува од другите, но би можел да потврдам дека постојано комуницирам со своите најблиски, со своите колеги, со големиот број пријатели, со своите сограѓани.
Остварувањето на непосредните контакти со што поширок круг на луѓе некојпат можеби нема да го даде одговорот на некое прашање или дилема, но често може да ви даде некоја добра нова идеја или можеби одговор на некоја дилема која е поврзана со некој друг проблем кој е од исклучително значење за обичниот граѓанин. Мој искрен став е дека не постои граѓанин кој не го заслужува целото наше внимание.
Во рамките на моето досегашно средношколско, универзитетско и политичко дејствување и секојдневно комуницирање со младите од разни средини и со различно ниво на професионална и лична определба, слободно можам да кажам дека нивниот потенцијал е исклучително голем. Секако дека и кај нас во Македонија има доволно слободен простор во сите сфери на општеството каде младите имаат можности да го зголемат степенот на нивната одговорност и веднаш и целосно да бидат вклучени со нивен основен или дополнителен ангажман.
Сметам дека улогата неизоставно треба да биде многу поголема не само во секојдневните редовни работни процеси, туку и со многу поактивната и позитивна улога во рамките на сите степени од образовниот процес, во науката и истражувањето, во меѓународната размена на студенти, во иновациите, во сферата во организацијата и извршувањето на волонтерските активности, во зголемувањето на учество во рамките на хуманитарните организации, во засилено вклучување во организацијата и непосредното учество во разните културни и музички активности, да бидат силни промотори во развојот на туризмот и да бидат многу поактивни во спортот и промоцијата на здравиот живот.
Јас, како млад човек со многу одговорна политичка функција, секогаш ќе бидам глас на младите луѓе во нашата земја со цел промоција на нивните интереси, но и интегрирањето на нивните вредности во тековните политички процеси. Имам многу идеи насочени кон создавање на економски просперитетна и силна Македонија. Секако, постојано дејствувам истите да се олицетворат преку конкретни политики. За резултатите од моето работењето најдобра оцена ќе даде времето.
Си живеел во Америка, си живеел во Канада, си прошетал низ европските држави... Што е тоа што ѝ недостасува на Македонија за добра бизнис/ стартап клима?
Тимчо Муцунски: Од гледна точка на бизнис климата најоригинално сведочат признанијата кои на контото на Република Македонија пристигнуваат од страна на меѓународните финансиски институции и компании кои врз основа на точно определени реални критериуми ги оценуваат државите. Оценките се даваат од гледна точка на резултатите кои државите ги постигнале во рамките на специфични економски категории, како што се квалитет на инфраструктура, успешност во правење на бизнис, конкурентност во разни категории, економска ориентираност на владата и администрација, брзина на отворање на компании, присутни стимулации за инвеститори, образовна структура и квалитет на работна сила, ниво на продуктивност.
Ваквите варијабили во основа ја потврдуваат аргументацијата за тоа дали постои добра бизнис клима. Јасното сознание за големата заинтересираност на странските инвеститори за вложување на нивниот капитал во Република Македонија, дури и во време на присутна привремена политичка криза се повеќе од јасен показател дека долгорочната стратегија за привлекување на странски инвестиции дава позитивни резултати. Веројатно во тој дел единствено што недостасува е давањето на поголема поддршка од сите политички и економски субјекти. Не помалку важна е и јавната и безрезервна поддршка на целата македонска јавност, која е исклучително значајна и дополнително ги охрабрува странците, но и припадниците на дијаспората да инвестираат во својата и иднината на Република Македонија.
На оваа средба имав можност да ги промовирам сериозните и континуирани системски реформи кои Република Македонија во последните години ги презема за реформа на својата јавнаа администрација. Истовремено разменив и голем број идеи и разговарав за планови за идна соработка со врвни експерти од оваа област. Забрзано одиме напред, со многу енергија и со многу вложен труд од страна на еден одличен тим кој го имаме во рамките на Министерството за информатичко општество и администрација.
Секако, активно сме вклучени и во процес на постојана соработка со научната и експертска јавност. Процесот на реформа на јавната администрација се изведува со голема посветеност и постојано, со крајна цел да се обезбеди подобар квалитет на услуги кои се даваат од страна на јавниот сектор кон граѓаните и деловното опкружување. Во таа насока, веќе можеме да констатираме дека јавниот сектор целосно ги перципира потребите на секојдневниот граѓанин, но истовремено посветува големо внимание и на клиентите во рамките на бизнис -секторот .
Кое е твоето досегашно најзначајно искуство или достигнување?
Тимчо Муцунски: Од научна гледна точка би сакал да го издвојам моето ко-авторство на два универзитетски учебници, ко-авторството на повеќе од 20 научни трудови, како и моето учеството на повеќе реномирани научни конференции.
Од политичка гледна точка, би рекол дека треба да помине барем одреден временски период, а со цел да може да биде дадена објективна оценка во поглед на успешноста на определени проектите кои ги водам јас или МИОА и резултатите кои произлегуваат од нив. Во овој момент единствено можам да потврдам дека кон секоја поставена програмска задача и активност која претставува државен и интерес на граѓаните на Република Македонија вложувам максимални напори да биде исполнета навремено, целосно, квалитетно и одговорно
Партиска книшка, постојано вложување на своето време за целите на партијата… Како реши да бидеш дел и што беше пресудно?
Тимчо Муцунски: Учеството во работата на политичка партија претставува реална можност за секој млад човек кој сака да создава дела, да соработува со други, да споделува идеи и да организира определени настани кои индивидуално или во целина отвораат можности за позитивни промени на нашето секојдневие на национално и на меѓународно ниво.
Преку активностите во рамките на УМС на ВМРО-ДПМНЕ се обидувам и се надевам дека успевам да внесам нови идеи, проекти и програми кои би требало да дадат соодветен придонес во подобрувањето на стандардот и квалитетот на живот на голем број млади луѓе во Република Македонија. Истовремено се обидувам да дадам максимален придонес и во креирањето на позитивни политики во прилог на постојаното проширување на соработката, дијалогот и взаемната поддршка на европско ниво со сродните политички партии и посебно преку Подмладокот на Европската народна партија – YEPP. Таквите активности се исклучително значајни во контекст на забрзано остварување на нашите стратешки надворешно-политички приоритети насочени кон европските и евроатланските интеграциони процеси.
Во приватниот живот сум како и во службениот, непосреден и со силна почит кон карактерот и мислењето на другиот. Всушност и целиот живот кој ни е подарен од севишниот е заснован на совладување на разни предизвици, кои многу често знаат да бидат исклучително сериозни или да предизвикуваат сериозни последици и кога е многу важно при донесувањето на одлуките да пристапиме достојно, стрпливо, внимателно, правично и со цврст разум.
Денес и покрај големиот број на работни активности сепак наоѓам време барем еднаш неделно да играм кошарка со другари од студии, а пред започнување на работните обврски рано наутро денот го започнувам со спортски активности во фитнес центар.
Што се однесува до приватниот живот имам девојка која, заедно со моите родители, ми е најсилна поддршка во сите предизвици.
Со зголемениот број на секојдневни работни обврски се потешко ми е да обезбедам доволно слободно време за себе и за мои приватни активности, што во ова динамично време не и никакво изненадување. Тука можеби и мојата девојка најмногу има причина да замери, но во оваа прилика и јавно ќе ѝ се извинам за сите пропуштени моменти, кои секако ќе се потрудам наскоро да ги надоместам.
Локација: Бистро бар - Барбакан