Резултатите од обдукцијата ја откриле причината за смртта на Кери Фишер

Точка

19/06/2017

11:25

2.640

Големина на фонт

а а а

Во извештајот на патологот пишува дека актерката починала од опструктивна апнеја во сон - во комбинација со други фактори, но една единствена причина не може да се издвои.

Меѓу факторите е и акумулираното масно ткиво во ѕидовите на артериите, а имало и индикации дека актерката земала повеќе видови на лекарства, но лекарите не можат да одлучат дали и тие придонеле за нејзината смрт. 

Во крајниот заклучок од Патолошката служба на Лос Анџелес, причината за смртта не може прецизно да се утврди. Официјалните лица не сакале да одговорат дали има уште необјавени детали и дали се достапни сите токсиколошки резултати и комплетен извештај на обдукцијата. 


Апнеја во сон се случува кога лицето за време на спиење има прекини во дишењето. Тие можат да бидат кратки но и да траат по неколку минути. Кери Фишер (60) доживеа срцев удар на летот од Лондон до Лос Анџелес на 23-ти декември. Таа почина на 27-ми декември, а нејзината мајка, актерката Деби Ренолдс, почина ден подоцна.

Братот на Кери, Тод Фишер, вели дека резултатите од истрагата не го изненадиле и дека семејството не сакало таа воопшто да се прави. 


"Не откривме ништо спектакуларно после овој извештај. Од моја перспектива, не е некаква вест дека Кери земаше лекарства и дрога", изјави Тод. 

Тој додал дека неговата сестра не била дискретна за својата зависност од наркотици, но дека поголемиот дел од лекарствата кои ги примала ѝ биле препишани од лекарите за лечење на нејзиното ментално здравје. 

Фишер за прв пат почнала да пуши марихуана на 13 години, земала ЛСД на 21, а на 25 години ѝ дијагностицирале биполарно растројство. Во еден момент таа била подложена и на електротерапија.


Тод Фишер истакнал дека состојбата на срцето на неговата сестра сигурно била загрозена и со пушењето. 

"Ако се прашувате што ја убило, сето ова заедно", истакнал.

Братот на Кери додал дека е тешко да се обвинуваат лекарите кои ја третирале неговата сестра за време на нејзиниот живот бидејќи тие само се обидувале да ѝ помогнат. 


"Тие го правеа најдоброто што го знаат и умеат да го излекуваат нејзиното ментално пореметување. Како можеме да ги обвиниме? Без тие лекарства таа можеби ќе починеше и порано", смета брат ѝ.


Кери Фишер ќе ја гледаме за последен пат на големите платна во осмото продолжение на "Војна на Ѕвездите" (/Star Wars), наречено "Последниот Џедај" (/The Last Jedi) чија премиера е закажана за декември. 



Спонзорирани линкови

Маркетинг