д-р: Андреј Петров: За секоја промена нa бенките, консултирајте дерматолог!

Точка

10/05/2017

15:02

4.187

Големина на фонт

а а а

Месец мај според медицинскиот 'верски календар' се смета за месец за одбележување на свеста кај населението за меланом. За таа цел поразговаравме со доц. д-р Андреј Петров, дерматовенеролог при клиничката болница Aџибадем Систина во Скопје. Тој ни укажа на сериозноста и опасните последици кои може да настанат од меланомот.


Точка: Мај е светски месец за одбележување на свеста кај населението за меланом, кажете ни нешто повеќе за оваа болест, што велат статистиките?

д-р Петров: Меланомот е најмалиген тумор на кожата. Потекнува од клетките кои го создаваат пигментот, таканаречените меланоцити. Тој е најчеста причина за смрт од кожните болести. Брзо се шири и ги напаѓа и внатрешните органи. Може да ги зафати обата пола и двете раси. Се работи за агресивен тумор кој е многу подмолен и многу тешко се третира кога е метастазиран-раширен бидејќи е отпорен на зрачење и хемотерапијата има ограничен ефект.


Точка: Како да се препознае карциномот на кожа?

д-р Петров: Во суштина постојат две различни заболувања за кои треба да бидеме свесни, а се подведуваат под формулацијата рак на кожа. Едно е меланомот (тој потекнува од пигментните клетки), кој е најчестата причина за смрт од кожните болести, за кој покрај акутните изгореници од сонце во младоста документирани се и другите ризик фактори, светла кожа, семејна историја за меланом, поголем број бенки по телото.

Вториот тип рак на кожа се карциномите кои потекнуваат од епителните клетки, кои не се толку живото-загрижувачки, а кај кои хроничната (кумулативна), секојдневна изложеност на сонце е глaвниот ризик фактор. Колку е таа подолга, толку ризикот е поголем. Овие карциноми едноставно се лекуваат за разлика од меланомот, но никако не смее да се остави да стојат со години бидејќи растејќи постепено го изгризуваат ткивото и може да доведат до деформации, а некои од нив и да се прошират и на други органи. Македонија е земја со многу сонце и нашето население има и професионална изложеност на сонце, заради тоа треба на време да се делува.

Дерматологијата има една голема предност што пациентот може да направи самопреглед. Самопреглед е клучот. Кожата не е желудник, се гледа со голо око. Секоја промена која нè зачудува која мислиме дека се променила, е доволен сигнал да се јавиме на доктор.

Постои таканареченото АБЦД правило. АБЦДЕ правилото за бенки, кое е акроним од англиските зборови кои покажуваат промена на формата, границите на бенката, бојата, големината или нејзина трансформација со тек на времето е златен стандард на самопреглед кој секој може да го примени. Ако видиме дека некоја бенка се променила, нема што да размислувам, време е да се јавиме на лекар. Не да се уплашиме од тоа, бидејќи најголем дел од промените што ќе ги регистрираме како пациенти на лекар кога ќе се проверат ќе се увиди дека се безопасни, но затоа, пак, доколку се најде нешто сомнително, ќе треба да се отстрани.

Има една табу тема на Балканот генерално, па и во Македонија, дека бенките не треба да се чепкаат. Често пати од овој од оној ќе слушнеме тако нешто како муабет. Тоа е погрешно. Самата интервенција не може да ни наштети на здравјето, но може да ни го спаси животот ако е направена навреме. Ако е нешто малигно, треба да се отстрани, да оди надвор. Со тоа што ќе го чуваме нема да помине.

Точка: Колку често треба да се контролираат бенките и како?

д-р Петров: Бенките треба да се контролираат на доктор еднаш годишно. Тое е редовната процедура. По потреба и почесто. Задолжително со дермоскопски преглед, бидејќи честопати одредени промени не може да се видат со голо око. И тоа независно дали се работи за мали и/или, пак, големи бенки тие треба да бидат прегледани.

Кај нас тоа се прави со дигитален дермоскоп MoleMax HD pro, кој има можност за мапинг/бележење на локализацијата на бенката/, следење/ компарација слика во слика/, дигитално архивирање. Ова последното е особено важно бидејќи дава можност за следење на секоја промена на бенката. Воведувањето на дермоскопијата во секојдневната клиничка пракса многу ја подобри раната дијагностика на меланомот.


ТЕМНИОТ ТЕН ПОВЕЌЕ НЕ Е ВО МОДА


Точка: Колкаво влијание има прекумерната изложеност на сонце и солариумот за развој на болеста?

д-р Петров: Времето на „тенот” како знак на здравје во медицинската ера е одамна поминато. Порано беше многу „ин” да се вратите исцрнет од сонце. Денес е докажано дека сонцето има бројни штетни влијанија на кожата, вклучително и ризик од развивање рак на кожа. При тоа се смета дека особено важни се епизодите на акутни изгореници од сонце во младоста, особено при зголемување на ризикот од развој на меланом..

Во Америка во студии е покажано дека 67% од младите под 30 години имале акутна ерупција на изгореници на кожата од сонце. Практично секој од нас. Јас сум имал таква случка во младоста, веројатно и вие и многумина други. Причинската релација меѓу влијанието на кожата и појавата на рак на кожа преку предизвикување генетски мутации, кај личности кои се предиспонирани на тоа, е докажана. Кај солариумите тој ризик е неколкукратно повисок во однос на изложувањето на природна светлина, заради тоа ние, дерматолозите, не советуваме користење солариуми.

Во некои земји има и забрани за нивна употреба. Во Американската националната здравствена служба, но исто така и Светската здравствена организација ги имаат класифицирано системите за внатрешно „in door“ сончање (популарно наречени солариуми) за хумани карциногени. Во 13 федерални држави на Америка тие се забранети.


Точка: Кој заболува повеќе, мажите или жените, помладите или повозрасните?

д-р Петров: Се јавува и кај мажи и кај жени. Никој не е поштеден. Исклучително е редок под 10-годишна возраст. Кај младите жени (трета деценија) тоа е најчестиот тумор кој доведува до смртен резултат. Инаку, најчесто се појавува во подоцнежната возраст, по 50 -60 година од животот.

Брзо метастазира низ лимфните садови и доведува до ширење на болеста. Доколку се открие во раните фази на болеста, шансите за излекување се поголеми од 90%. Кај жените се открива во пораните фази на болеста кога шансите за излекување се поголеми поради нивната поголема навика за самопреглед пред огледало. Кај мажите вообичаено го откриваме подоцна. Најопасен е нодуларниот јазлест облик на меланом, кој брзо расте и се шири.

Рамниот површно-ширечки меланом има подолг тек на хоризонтален раст во кожата и има подобра прогноза. Денес се знае дека 70% на меланомите се јавуваат на здрава кожа. Само 20-30% од претходно постоечки бенки, односно промени за кои сме мислеле дека се бенки, се работело за меланом во рана фаза кој не може да се препознае со голо око.

Точка: Какви активности презема Клиничката болница „Аџибадем Систина“ овој месец?

д-р Петров: Клиничката болница „Аџибадем Систина“ овој месец традиционално се придружува на Еуромеланома месецот за борба против рак на кожата-меланом. И оваа година ќе понудиме бесплатни прегледи на пациентите. Сите оние пациенти кои ќе се пријават ќе имаат можност дермоскопски да се прегледаат. Со ова сакаме да ја подигнеме на повисоко ниво здравствената култура и да ја афирмираме превенцијата која во некои земји кои беа водечки во појавата на овој малиген тумор (Австралија) доведе до сериозно намалување на бројот на заболени. И сите овие дискусии и интервјуа се со таа цел, да се зголеми свеста за заштита од оваа болест и факторите кои можат да влијаат. Се разбира, има фактори на кои не можеме да влијаеме, како што е генетиката, но има фактори на кои можеме да влијаеме, како што е самопрегледот и заштитата од сонце.

Уште еден новитет кој сакам да го најавам е дека во „Аџибадем Систина“ од оваа година стартуваме со систем за повикување на дермоскопска контрола преку нашиот call center на сите пациенти на кои за тоа им доаѓа термин. Нешто слично како во Австралија, што довело до значајно подобрување на заштитата од меланом. Тоа е исклушителна реткост во Европа. Кај нас симболично ќе започне од мај.



Спонзорирани линкови

Маркетинг