Првиот официјален трејлер за новата серија „Wednesday“ ветува забава и хорор

Омилениот саркастичен и садистички расположен член на мрачното готско семејство Адамс, Среда (Wednesday) Адамс, добива своја истоимена серија на стриминг платформата Нетфликс. Режисерската палка за ова спин-оф шоу на серијата од 60–те години и филмот од 1991 година кои веќе имаат статус на класици, е во рацете на Тим Бартон, кој е препознатлив по мрачната, надреалистична и мистериозна естетика. Во негов препознатлив стил, официјалниот трејлер за долгоочекуваната серија веќе открива дека „Wednesday“ ќе биде одлично визуелно искуство кое ќе понуди доза хумор, но и хорор.