Недовршениот руски роман, кој се смета за едно од ремек-делата на светската книжевност, доби завршница благодарение на модел на вештачка интелигенција, повеќе од 170 години по смртта на неговиот автор.
Писателот Николај Гогољ фрлил дел од ракописот на својот роман „Мртви души“ во оган откако доживеал психички слом, непосредно пред смртта во 1852 година, на 42-годишна возраст.
Познат по употребата на гротеска и надреални елементи во расказите како „Дневникот на еден лудак“ и „Нос“, Гогољ со романот „Мртви души“ оставил едно од најголемите дела на руската книжевност од 19 век, иако никогаш не го довршил.

Романот завршува среде реченица, а одредени експерти сметаат дека во зачуваниот облик тој всушност е довршен, имајќи ја предвид склоноста на Гогољ да го прекинува раскажувањето среде дејството, па дури и среде реченица.
Други, пак, веруваат дека романот требало да биде прв дел од тритомно дело. Токму тоа го поттикнало обидот за реконструкција на изгубениот втор том со помош на руски модел на вештачка интелигенција.

Новата книга го носи насловот „Мртви души: Оживување“ („Dead Souls: Revival“), а е создадена со помош на моделот „GigaChat“, развиен од компанијата „Sber“, технолошки и финансиски конгломерат. На проектот се работело околу четири месеци.
Книгата предизвикала голем интерес по претставувањето минатиот месец, но истовремено станала предмет на полемики меѓу книжевните критичари.

„Верувам дека книжевното дело не произлегува автоматски од сè што некој автор претходно напишал“, изјавил за „Reuters“ стручњакот за творештвото на Гогољ, Артјом Никитин.
„Дури и ако ги познаваме јазикот, стилот и заплетите на авторот, тоа не ни кажува што би напишал следно.“

Рускиот писател и есеист Владислав Отрошенко, кој го предводел проектот заснован на вештачка интелигенција, смета дека ова дело треба да се гледа како уметност, и покрај тоа што во неговото создавање била користена вештачка интелигенција.
„Вештачката интелигенција многу добро се снајде во уметничкиот дел од задачата, особено кога станува збор за заплетот“, рекол тој.
„Ова е бестселер … Читателите навистина се заинтересирани за него. Дали има уметничка вредност? Секако дека има, бидејќи станува збор за прв единствен, досега невиден експеримент од ваков вид. Притоа работевме со најсложениот стил во руската книжевност – стилот и поетиката на Гогољ.“








