На Нетфликс пристигна холандската драмска серија „Toos: The Van der Valk Kidnapping“, заснована на вистински случај кој на почетокот на осумдесеттите години ја потресе Холандија.
Низ шест епизоди, серијата го следи киднапирањето на Тус ван дер Валк, сопругата на еден од челниците на познатата семејна хотелска и угостителска империја „Ван дер Валк“, како и емотивната борба на нејзините најблиски откако таа исчезнала од сопствениот дом.
Киднапирање од семејниот дом
Приказната е инспирирана од настаните од ноември 1982 година, кога Тус ван дер Валк била киднапирана од својот дом во холандското место Нуланд. Откако нејзиниот сопруг се разбудил и сфатил дека ја нема, следувале телефонски повици од киднаперите и барања за откуп.
Серијата ги прикажува неделите исполнети со неизвесност, тешките преговори и притисокот под кој се нашло семејството, обидувајќи се безбедно да ја врати Тус дома. Иако станува збор за драматизирана приказна во која одредени детали се приспособени за потребите на сценариото, главниот тек на настаните и тежината на ситуацијата остануваат верни на вистинскиот случај.

Фокус на семејните односи и емоциите
Наместо класичен документарен пристап, серијата во преден план ги става односите во рамките на богатото и влијателно семејство, како и психолошкиот товар со кој се соочувале киднапираната Тус и членовите на нејзиното семејство. Прикажано е како кризата влијае врз нивните меѓусебни односи, додека истовремено мораат да носат тешки одлуки под постојан стрес.

Главната улога ја толкува холандската актерка Лис Висшедијк, додека нејзиниот сопруг го глуми Френк Ламерс, на публиката најпознат по улогата на Фери Боуман во популарната криминалистичка серија „Undercover“.
Покрај нив, во серијата глумат и Гис Блом, Џој Верберк, Федерико Калистри, Тине Јоусра, Дивке де Мој, Јуда Гослинга, Џим Дедес, Ришел Плантинга и Роналд Калтер.










