Индискиот политичар Анант Синг организирал раскошна свадба за својата ќерка, на која присуствувале најмалку 400.000 гости во сојузната држава Бихар, објавија во четвртокот индиските медиуми, наведувајќи дека свадбата чинела околу 7,8 милиони евра.
Свадбата, одржана во средата во родното место на Анант Синг, Нандаван, привлекла политичари, локални функционери, поддржувачи и илјадници жители и предизвикала големи нарушувања во локалниот сообраќај, пренесува порталот „Prabhatkhabar“.
Трошоците за организирање на настанот наводно достигнале околу 7,8 милиони евра, а за свадбата биле изградени пет хелиодроми, биле ангажирани 500 готвачи, биле подготвени половина милион слатки, а до местото на венчавката пристигнала колона од 200 возила.
Одзивот бил толку голем што патиштата што водат до местото на одржување биле блокирани, поради што неколку гости останале заглавени.
Организаторите изградиле пет хелиодроми за превоз на официјалните гости, додека слетувањата на хеликоптерите создавале облаци прашина што ги прекривале местото на прославата и насобраниот народ.
#WATCH | Patna, Bihar: Mokama MLA Anant Singh organised a horse race on the occasion of his daughter's wedding, drawing a massive crowd of spectators, with several people climbing towers to catch a glimpse of the event https://t.co/TOauJltn9W
— ANI (@ANI) November 25, 2026
Според блискиот соработник на политичарот, Муна Синг, на гостите им биле понудени околу 500.000 традиционални слатки, додека за подготовка на вегетаријанските оброци биле ангажирани 500 готвачи и кујнски помошници.
Свадбените свечености требало да вклучуваат и коњски трки со околу 200 животни, но тие биле одложени поради метежот, откако, според проценките, се собрале околу 100.000 луѓе за да го следат спектаклот.
Снимките од местото на настанот покажуваат илјадници луѓе што се обидуваат да се приближат до настаните организирани по повод свадбата, а некои дури се качувале на дрвја и електрични столбови.
Ќерката на политичарот, Шиванги Синг, пристигнала на венчавката со Ришикеш Кумар во луксузен „BMW“, додека младоженецот го придружувала колона од околу 200 автомобили.
Sad ! Anant Singh damaged Bihar's image further due to his arrogance.
What kind of a wedding is this ? https://t.co/DSHsOHsDB8
— With Love Bihar (@WithLoveBihar) November 25, 2026
Според извештаите, меѓу свадбените подароци за невестата биле бел автомобил „Land Rover Defender“, златен синџир тежок 100 грама и златна нараквица тешка 80 грама.
Таткото на невестата, Анант Синг, е пратеник со шест мандати и влијателна политичка фигура во тој крај, познат по прекарот „малиот господар“.
Неговиот имиџ го следат контроверзии, а според една од највпечатливите приказни објавени за него, наводно ги пречекувал даночните службеници што ја посетувале неговата резиденција со змии обвиткани околу вратот.
Анант Синг се соочува со повеќе од 24 кривични постапки, вклучувајќи обвиненија за убиство, обид за убиство, изнуда и учество во нереди.
Раскошната свадба предизвика контроверзии во Индија бидејќи се одржала во Бихар, една од најсиромашните сојузни држави во земјата.










