Мануел Ноер ѝ соопштил на сопругата Аника дека не сака да го продолжи бракот само неколку дена по раѓањето на нивниот втор син, пишува германскиот весник „Bild“. Истиот весник тврди дека 23-годишната жена со која капитенот на Баерн бил забележан во Бразил е неговата физиотерапевтка.
Според пишувањето на „Bild“, вториот син на двојката се родил кон крајот на август, а Ноер по разговорот со сопругата се иселил од нивната заедничка куќа на езерото Тегернзе. Аника, како што наведува весникот, повикувајќи се на нејзиното опкружување, останала во куќата со децата и бара нов дом во Гринвалд, во близина на Минхен.
Заедно и на Сицилија
„Bild“ тврди дека Ноер не бил со истата жена само во Бразил. Кон крајот на септември, додека натпреварувањето во Бундеслигата беше во прекин поради репрезентативните натпревари, тие престојувале на Сицилија. Фотографиите од тоа патување, на почетокот на октомври, ги објавила теретаната „Bee Gold“ од местото Пачино на социјалните мрежи, пренесува австрискиот весник „Heute“.

Според „Bild“, нивниот однос веќе со месеци не е само професионален. Аника за патувањето на Сицилија дознала од фотографиите и, како што пишува весникот, сè уште е во шок.
Се врати од Бразил
Ноер (40) во изминатите неколку дена престојувал во бразилското летувалиште Бузиос, каде што бил фотографиран во друштво на млада жена. На патувањето заминал со дозвола од Баерн, за време на паузата поради повреда на стапалото, а германските медиуми пишуваат дека во меѓувреме се вратил во Минхен.
Приказната предизвика бурни реакции во Германија. Советничката за партнерски односи Рут Марквард на Инстаграм го критикувала Ноер поради моментот во кој решил да ја прекине врската. Нејзиното видео, според пишувањето на порталот „ran.de“, го лајкнале Лина Кимих, сопругата на соиграчот на Ноер, Џошуа Кимих, и Ан-Катрин Геце, сопругата на Марио Геце.
Ноер засега не сака да ги коментира пишувањата на медиумите, а ниту Аника не ги коментирала наводите. Двојката се венчаше во ноември 2023 година.
















