Министерството за образование го прошири капацитетот на ОУ „Ацо Шопов“ во Радишани за дополнителни 100 ученици

Макфакс

25/11/2026

12:50

157

Големина на фонт

а а а

Во основното училиште „Ацо Шопов“ во Радишани е завршена изградбата на дополнителен објект кој овозможува капацитет за 100 нови ученици, со цел проширување на концептот на едносменско работење и целодневна настава во повеќе училишта во Македонија.

Заврши изградбата на дополнителниот објект со четири нови училници и тоалети во склоп на основното училиште „Ацо Шопов“ во населбата Радишани во скопски Бутел, соопшти Министерството за образование. Инвестицијата од 37 милиони денари обезбедени преку буџетот на Министерството за образование и наука ќе овозможи во училиштето да се запишат дополнителни 100тина ученици од оваа општина.

Новиот објект денес во употреба го пуштија претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерката за образование и наука Весна Јаневска и градоначалникот Дарко Костовски.

„Потребата за проширување на капацитети беше реална и како Влада, како Министерство во соработка со локалната самоуправа, тоа го овозможивме. Во објектот ќе се одвива целодневна настава за учениците од прво до трето одделение“, рече Јаневска.

Додаде дека интенцијата на Владата е да го прошири концептот на едносменско работење и целодневна настава во што повеќе училишта во Македонија, заради бројните придобивки – поголема социјализација на децата, поголема концентрација за време на часовите наутро, повеќе наставни и воннаставни активности, а се намалуваат и трошоците за работа на училиштата.

Од вкупно 1023 училишни објекти во земјава, повеќе од 620 работат во една смена. Во моментов, Министерството за образование и наука реализира 20 проекти за проширување на капацитетите на училишта заради воведување на овој концепт на работа во повеќе општини, појаснуваат од министерството.