„Cine Delfi“ – новиот роман на Румена Бужаровска од денес во книжарниците!

Точка

24/11/2026

13:17

149

Големина на фонт

а а а

Во издание на Издавачки центар ТРИ деновиве излезе од печат „Cine Delfi“, новиот роман на Румена Бужаровска – една од највлијателните и најеминентните писателки во современата македонска книжевност, со значајна рецепција и на странската книжевна сцена.

„Cine Delfi“ е вториот роман на Бужаровска, напишан во нејзиниот карактеристичен духовит, но и мрачен стил, што овој пат нè води во вознемирувачка приказна заснована врз вистински настан.

Една вечер, мајка и ќерка решаваат да одат заедно на кино. Но работите набрзо тргнуваат во хорорска насока. Колку ужасот е производ на односот меѓу мајката и ќерката, а колку се должи на случајноста? Каде навистина води патот низ шумата по кој оди ова семејство на мајки и сестри?

Раскажан сликовито, со жив и продорен јазик, „Cine Delfi“ уште од првите страници го вовлекува читателот во наративен вител од кој е тешко да се излезе. Романот жанровски се движи меѓу психолошката драма и крими-трилерот, а со неговата филмска атмосфера и напнатост се чита како што се гледа филм: во еден здив.


Со новото книжевно остварување, Бужаровска уште еднаш ја потврдува извонредноста на своето остроумно перо со кое навлегува во сложеноста на семејните односи, во премолченото и потиснатото, преиспитувајќи ги притоа границите меѓу секојдневното и ужасот. 

Нејзините книги се преведени на дваесет јазици и територии предизвикувајќи значителен интерес кај меѓународната критика, со бројни рецензии и признанија. Откако ги објави збирките раскази „Не одам никаде“ и „Мојот маж“, угледната издавачка куќа „Галимар“ од Франција годинава го објави и романот „Тони“.

Расказите од „Мојот маж“ и „Не одам никаде“ се адаптирани за филм и поставени во форма на шест театарски претстави, во земјата и во странство. Бужаровска е една од трите авторки на феминистичкиот поткаст „Радио Милева“, редовно пишува колумни за регионалниот магазин „Велике приче“, а предава американска книжевност и преведување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Бужаровска е и истакната книжевна преведувачка од англиски на македонски јазик. Во нејзиниот преведувачки опус се дела од Џ. Д. Селинџер, Џ. М. Куци, Луис Карол, Труман Капоти и Фланери О’Конор.