Млади брачни парови до 35 години ќе купуваат станови за најмалку 20% пониска цена, а студентите добиваат картичка со 20 проценти попуст преку М-услуги, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Макфакс

24/11/2026

09:00

59

Големина на фонт

а а а

ВМРО-ДПМНЕ со конкретни мерки за младите продолжува активно да работи на подобро утре за секој млад човек. ВМРО-ДПМНЕ веќе ги најави трите клучни мерки кои адресираат егзистенција и домување на младите. Тоа се конкретни проекти, подготвени да се преточат во законски решенија, со однапред јасен начин на спроведување“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Првата мерка се однесува на младите брачни парови до 35 години и предвидува најмалку 20% попуст на пазарната цена за станбен простор. За нејзино спроведување ќе се донесе закон според кој секоја градежна компанија, за да добие дозвола за градба, ќе мора да издвои најмалку 10% од станбената површина за брачни парови до 35 години, по цена најмалку 20% пониска од пазарната.

Втората мерка исто така е наменета за млади до 35 години, но за оние што сакаат да градат свој дом. Секој млад брачен пар што ќе се одлучи на градба нема да плаќа комуналии на општината. И за оваа мерка исто така е предвидено законско решение.

Третата мерка е за студентите. Секој студент ќе добие студентска картичка со низа поволности и 20% пониски цени за сите услуги што ќе ги користи преку апликацијата М-услуги. За да се спроведе истата ќе соработуваат сите надлежни институции, со цел студентите да добијат не само усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата, туку поволности и за други услуги.

ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да работи за на младите да им овозможи квалитетно образование, услови за професионална кариера, шанси за сопствен бизнис, создавање семејство и достоинствен живот во земјава“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.