АВМУ: Заканите по живот кон новинарот Кристијан Ландов се неприфатливи

Макфакс

23/11/2026

13:20

218

Големина на фонт

а а а

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изразува загриженост за заканите по живот упатени кон новинарот Кристијан Ландов, нагласувајќи дека тие се неприфатливи и повикува на одговорна јавна комуникација и преземање мерки од надлежните институции.

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изразува сериозна загриженост поради закани по живот упатени кон новинарот Кристијан Ландов преку социјалните мрежи по објавувањето на епизода од неговиот подкаст „Претрес“ посветена на настани во Охрид и истакнува дека целосно се неприфатливи.

„Безбедноста на новинарите е основен предуслов за целосно, независно и професионално новинарство, и секој новинар треба да ја врши својата работа без страв, закани, притисоци и насилство. Агенцијата смета дека се загрижувачки пораките што содржат алузии на можност за предизвикување физичка штета и загрозување на личната безбедност на новинарот и очекува надлежните институции да ги разгледаат пријавените закани и да преземат соодветни мерки во рамките на своите надлежности“, велат од АВМУ.

Од таму ја нагласуваат и важноста од одговорна јавна комуникација насочена кон медиумите, особено од страна на организации и претставници на институциите.

„Доколку постојат забелешки во однос на конкретно медиумското известување, на располагање се законски и саморегулаторни механизми, вклучително и правото на исправка и одговор, како и можноста за поднесување претставки до Советот за етика во медиумите и Советот на честа при Здружението на новинарите на Македонија“, велат од Агенцијата.

Истовремено, додаваат од АВМУ, потсетуваме дека и медиумите и новинарите имаат одговорност за содржините што ги објавуваат и должност да се придржуваат до професионалните и етичките стандарди на новинарството, вклучително и принципите на точност, објективност и проверка на информациите.