[ВИДЕО] Непозната супстанца пуштена на концерт во Манчестер: илјадници луѓе евакуирани

Макфакс

23/11/2026

11:27

404

Големина на фонт

а а а

Илјадници луѓе беа евакуирани од концерт во Манчестер откако непозната супстанца беше испуштена во просторот, предизвикувајќи симптоми кај повеќе присутни и иницирајќи итна реакција од полицијата и службите за итни случаи.

Илјадници луѓе беа евакуирани во неделата вечерта од концертот на американскиот рапер Дон Толивер во Манчестер, северна Англија, откако во просторот била испуштена „непозната супстанца“, соопшти полицијата. На концертот во „Co-op Live Arena“ – најголемиот затворен објект за настани во Обединетото Кралство – присуствувале повеќе од 12.000 луѓе.

Полицијата била известена од вработените во објектот откако неколку лица „покажале симптоми што укажуваат на изложеност на непозната супстанца“, соопшти полицијата доцна во неделата вечерта. Концертот бил прекинат, а итните служби ја евакуирале публиката.

Во тек е истрага за да се утврди природата на супстанцата и околностите под кои се случил инцидентот. На снимките што кружат на социјалните мрежи – за кои известија и британските медиуми – се гледаат луѓе како кашлаат и си ги покриваат устите.

Повеќе од 50 луѓе побарале лекарска помош.
Локалните служби за итни случаи соопштија дека над 50 лица, кои имале иритација на очите и респираторни тегоби, биле прегледани, додека во објектот се спроведувале постапки за деконтаминација. Едно лице е хоспитализирано.

Од „Co-op Live“ изјавија дека соработуваат со полицијата за да се осигура преземање на соодветни мерки.