Колку чини скијањето во Европа: Ова се најевтините дестинации, а разликите во цените се огромни

Точка

20/11/2026

21:15

777

Големина на фонт

а а а

Скијањето може да биде прилично скап зимски одмор, особено кога ќе се соберат трошоците за сместување и ски-карти. Сепак, не се сите европски скијачки центри подеднакво скапи.

Ново истражување покажа дека на одредени дестинации за сместување и дневна ски-карта може да се издвојат нешто повеќе од 40 евра по лице, додека во најскапите скијачки центри таа сума надминува 300 евра.

Платформата за пребарување сместување за одмор „Холиду“ објави листа на најевтините и најскапите европски скијачки центри за сезоната 2026/2027, врз основа на анализа на 265 скијачки центри со најмалку 20 километри скијачки патеки.


Резултатите покажаа дека Франција убедливо доминира меѓу најповолните дестинации. Дури девет од десетте најевтини скијачки центри се наоѓаат токму во оваа земја, додека меѓу најскапите се скијачките центри во Швајцарија, Италија и Австрија.

Како се пресметани цените?

Во истражувањето биле споредени цените за сместување по лице и еднодневните ски-карти за возрасни.

Анализирани биле два периоди: од 21 до 27 декември 2026 година, кога побарувачката е поголема, и од 22 до 28 март 2027 година, кога цените главно се пониски.

За секој скијачки центар бил пресметан просечниот дневен трошок по лице, врз основа на цените во двата периоди.


Важно е да се напомене дека наведените износи ги вклучуваат трошоците за сместување и ски-карта, но не и превозот, храната, изнајмувањето опрема или другите трошоци. Исто така, станува збор за просечни цени, па вистинските трошоци можат да бидат повисоки или пониски, во зависност од периодот на патување.

Што нудат најповолните скијачки центри?

Рубион ле Буис (Roubion les Buisses) се наоѓа на околу еден час возење од Ница и располага со 30 километри скијачки патеки. Веќе бил прогласен за најповолен европски скијачки центар во сезоната 2023/2024.

Таму можат да се најдат патеки за скијачи со различни нивоа на искуство, од почетници до поискусни скијачи. Еднодневната ски-карта чини 20 евра, додека цените за сместување се движат од 15 до 26 евра по лице за едно ноќевање, во зависност од периодот.


Второто место го зазема Реалон (Réallon), кој се наоѓа над езерото Сер-Понсон во француските Алпи. Располага со 30 километри скијачки патеки, а особено би можел да им одговара на оние кои сакаат помирно скијање, без голем метеж. Сместување таму може да се најде и за помалку од 20 евра по лице, додека дневната ски-карта во екот на сезоната чини 29,90 евра, а надвор од сезоната 24 евра.

На третото место се наоѓа Грес ан Веркор (Gresse en Vercors), на околу 45 минути возење од Гренобл. Скијачкиот центар располага со 20 километри патеки за алпско скијање и околу 50 километри патеки за нордиско скијање. Популарен е меѓу семејствата и почетниците. Дневната ски-карта чини 27 евра во екот на сезоната, односно 23 евра надвор од неа, додека цените за сместување се движат од 17 до 31 евро по лице.


Четвртото место го зазема Ле Муртис (Le Mourtis), додека на петтото место е Сиера де Бехар (Sierra de Béjar) во Шпанија – единствениот скијачки центар меѓу десетте најповолни што не се наоѓа во Франција.

А каде е скијањето најскапо?

На спротивниот крај од листата се наоѓа швајцарскиот Цермат (Zermatt), каде што просечниот дневен трошок за сместување и ски-карта изнесува дури 303,86 евра по лице. Тоа е повеќе од седум пати поскапо од најповолниот скијачки центар на листата.

Цермат е познат по погледот кон Матерхорн, високопланинските скијачки патеки и луксузното сместување. Скијачкиот центар располага со 200 километри патеки, а само дневната ски-карта во екот на сезоната чини 111,28 евра.


На второто место е италијанската Кортина д’Ампецо (Cortina d’Ampezzo), еден од најпознатите скијачки центри во Доломитите, со просечен дневен трошок од 290,50 евра. Третото место го зазема Гичберг Јохтал (Gitschberg Jochtal) во италијанскиот Јужен Тирол, каде што е потребно да се издвојат 271,50 евра дневно.

Кога најмногу се исплати да се оди на скијање?

Истражувањето покажа дека периодот на патување може значително да влијае врз вкупните трошоци.


На пример, во Цермат сместувањето во екот на сезоната чини околу 244 евра по лице за едно ноќевање, додека надвор од главната сезона цената се намалува на приближно 154 евра. Поевтини се и ски-картите, кои наместо 111,28 евра чинат 98,44 евра.

Слична е ситуацијата и во Кортина д’Ампецо, каде што разликата е уште поизразена. Сместувањето во екот на сезоната може да чини околу 308 евра по лице за едно ноќевање, додека надвор од главната сезона цената се намалува на приближно 113 евра.


За оние кои планираат скијање, тоа значи дека изборот на периодот за патување може да биде подеднакво важен како и изборот на самиот скијачки центар.

Сепак, при споредувањето на цените треба да се земат предвид и оддалеченоста од нашата земја, трошоците за патување, како и големината и понудата на скијачките центри.

Најевтината дестинација на хартија не мора нужно да биде и најповолната опција за целиот зимски одмор.