Суспендирани двајца полицајци од Охрид – со колега од Србија тепале малолетник кој возел мотор без дозвола

Макфакс

20/11/2026

14:00

178

Големина на фонт

а а а

Двајца полицајци од Охрид, заедно со колега од Србија, се суспендирани поради тепање на малолетник кој возел мотор без дозвола, при што употребиле гумена палка и други тврди предмети. МВР уште поднесе кривична пријава и започна истрага.

Двајца полицајци од Охрид и нивен колега од Србија со гумена палка и други тврди предмети истепале малолетник кој возел мотор без дозвола.

Според информациите од МВР, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе кривична пријава против С.С., Б.Г. и Ј.И. поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „малтретирање во вршење на службата“

„На 29.07.2026 околу 05:05 часот во Охрид, пријавените С.С. и Б.Г., полициски службеници од СВР Охрид и Ј.И., полициски службеник од Србија, при вршење на службени дејствија сопреле мотоцикл управуван од малолетник без дозвола, кој се обидел да побегне. Набргу го фатиле и кон него употребиле физичка сила, гумена палка и тврд предмет и му нанеле повреди на повеќе делови на телото“, соопшти МВР.

Одделот за внатрешна контрола доставил и барање до надлежната служба за внатрешна контрола при МВР на Република Србија за вршење службен разговор со Ј.И..

Одделот за внатрешна контрола против полициските службеници С.С. и Б.Г. ќе поднесе предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина и ќе изрече задолжителни мерки за отстранување од работно место-суспензија.