„Volkswagen“ остварува само 12 евра оперативна добивка по автомобил, а „Mercedes“ дури 4.198!
Колку навистина заработуваат производителите на автомобили по продадено возило? Разликите се огромни, покажуваат најновите податоци на Центарот за автомобилски менаџмент („CAM“).
Додека „Volkswagen“ според оваа пресметка остварува само 12 евра оперативна добивка по автомобил, „Mercedes“ е на врвот меѓу споредените производители со дури 4.198 евра.
Според студијата, која ги опфаќа резултатите за првите девет месеци од годината, просечната оперативна добивка изнесувала 1.363 евра по продаден автомобил, наспроти 1.409 евра во истиот период претходната година. Показателот ја распределува оперативната добивка на концернот врз бројот на продадени возила.
Профитабилноста на целата индустрија е под притисок. Просечната оперативна маржа паднала на 3,6 отсто, во споредба со четири отсто една година претходно, а дури две третини од анализираните компании забележале намалување на добивката.
„Кога добивката паѓа речиси шестпати побрзо од приходите, тоа е предупредувачки знак за индустријата“, изјавил Штефан Брацел, директор на „CAM“.
Тој смета дека производителите мора посилно да се насочат кон профитабилни иновации и поефикасни деловни структури.

„Mercedes“ пред „BMW“ и „Toyota“
Меѓу производителите со најголема оперативна добивка по возило е „Mercedes“, кој го зголемил резултатот за 31 отсто, на 4.198 евра. Во оваа пресметка придонесуваат и другите дејности на концернот, вклучувајќи ги финансиските услуги и комби-возилата.
„BMW“, и покрај падот од приближно една третина во однос на претходната година, остварил 3.059 евра по автомобил.
И „Toyota“ и „General Motors“ се над просекот на индустријата.
„Tesla“ со 1.335 евра е малку под просекот, додека „Ford“, „BYD“, „Chery“ и „Suzuki“ оствариле меѓу 994 и 1.254 евра по продадено возило.
Кинеските производители „Geely“, „SAIC“ и „Great Wall“ се на ниво од околу 700 евра, додека „Stellantis“, сопственикот на брендовите „Opel“, „Peugeot“, „Fiat“ и „Citroën“, остварил само 250 евра.

„Volkswagen“ со најниска заработка по продаден автомобил
Особено слаб резултат забележал „Volkswagen“, со само 12 евра оперативна добивка по продаден автомобил.
Меѓутоа, овој податок треба да се разгледува во контекст на големите еднократни трошоци и сметководствени отписи што го оптовариле концернот.
Според анализата на „CAM“, овие ставки, во вкупен износ од 8,7 милијарди евра, значително влијаеле врз деловниот резултат на германскиот производител.
Оперативната маржа без нивното влијание изнесувала 3,8 отсто, што покажува дека компанијата сè уште мора да работи на намалување на трошоците и подобрување на ефикасноста. Оттука, износот од 12 евра дава понегативна слика за тековното работење отколку приспособените показатели.
Добивката по продаден автомобил би можела да порасне со намалувањето на влијанието на еднократните трошоци. Сепак, споредбата има ограничувања поради различните сметководствени методи и посебните ставки во резултатите на производителите.















