Една од најважните задачи на родителите е да ги заштитат децата од опасности и да направат сè што е во нивна моќ за малечките да бидат безбедни. И родителите навистина даваат сè од себе за да го постигнат тоа.
Кога се во автомобил, ги врзуваат во соодветни детски автомобилски седишта. Ги учат што треба да прават доколку се изгубат, ги предупредуваат за непознати лица, ги учат како да се однесуваат за да бидат безбедни во сообраќајот и слично.
Но, што е со опасностите што демнат во нашиот дом, зад нашата влезна врата?
Најголемиот број несреќи се случуваат токму дома, па имајќи го тоа предвид, важно е родителите да знаат кое место во домот е најопасно, за да можат да преземат дополнителни мерки и да спречат несреќи.
Во нашиот дом постои едно место што може да биде поопасно од другите. На тоа ги предупредила родителите една медицинска сестра, а можеби не станува збор за место на кое прво би помислиле.
Во објава на Инстаграм, австралиската медицинска сестра Коди, која е и мајка на две деца, покажала колку лесно може да се случат несреќи во домот и на што родителите особено треба да обрнат внимание.
Покрај црно-бела снимка на која се гледаат две мали деца како се капат во када, таа напишала: „Најопасното место за вашите деца – предупредување од квалификувана медицинска сестра“.
Во описот на објавата дополнително објаснила зошто родителите не смеат да ги потценуваат ризиците за време на капењето.
„Кадата не изгледа опасно. Токму во тоа е проблемот“, напишала таа и додала: „Како медицинска сестра, интервенирав во случаи на давење што започнале во само неколку центиметри вода. Не на плажа. Не во базен. Туку во семејната бања, за време на сосема обично вечерно капење, среде работната недела“.
Според нејзините зборови, несреќите можат да се случат за миг, поради што е важно родителите да бидат свесни за потенцијалните опасности дури и во просторот што го сметаат за целосно безбеден.
Коди ги предупредува родителите дека давењето на дете може да се случи тивко и за многу кратко време.
„Детето може да се удави тивко, за пократко време отколку што ви е потребно да отидете во соседната просторија по крпа. Без прскање вода. Без врисоци. Доволни се само неколку секунди невнимание“.

Медицинската сестра дополнително истакнува:
„Кадата за капење е една од најпотценетите опасности во вашиот дом. Ова го кажувам и како медицинска сестра и како мајка која седела на подот во сопствената бања и го набљудувала своето дете додека си игра во водата“.
За капењето да биде побезбедно, Коди препорачува неколку едноставни правила што и самата ги применува во својот дом.
Медицинската сестра издвоила три правила кои, според нејзините препораки, родителите треба да ги применуваат при секое капење на детето.
1. Оставете го телефонот настрана.
„Телефонот го оставам во бањата, свртен со екранот надолу и со исклучен звук“, наведува Коди.
На тој начин родителот избегнува одвлекување на вниманието од пораки, повици и известувања додека го надгледува детето.

2. Ако мора да ја напуштите бањата, поведете го детето со себе.
„Ако морам да излезам, детето доаѓа со мене. Секој пат“, нагласува медицинската сестра.
Дури и краткото напуштање на бањата може да биде доволно за да се случи сериозна несреќа. Затоа детето никогаш не треба да се остава само во кадата, дури ни за неколку моменти.
3. Никогаш не му ја препуштајте грижата за детето на постаро дете.
Дури и кога постарото дете изгледа доволно одговорно, тоа не може да го замени надзорот од возрасно лице. Безбедноста за време на капењето е исклучиво одговорност на родителот или на друго возрасно лице кое се грижи за детето.
Важно е да се запомни дека малите деца можат да се удават и во многу мала количина вода и дека тоа може да се случи брзо, без карактеристични предупредувачки звуци.
Затоа никогаш не го оставајте детето само во кадата, дури ни ако знае самостојно да седи, да си игра во водата или изгледа доволно сигурно. Надзорот мора да биде непрекинат, а возрасното лице треба да биде на дофат на раката.
Капењето може да биде еден од најубавите моменти за игра и поврзување со детето, но безбедноста секогаш мора да биде на прво место.