Пике се огласи по суспензијата на голманот по смртта на фудбалерот: „Хесус не ја заслужува максималната казна“

Точка

18/11/2026

12:41

1.660

Големина на фонт

а а а

Сопственикот на фудбалскиот клуб Андора, Жерар Пике, изјави дека голманот Хесус Овоно не заслужил суспензија од 12 натпревари, која му беше изречена по дуелот што заврши со смртта на напаѓачот на Тенерифе, Хесус Де Мигел.

Овоно беше исклучен по судирот со Де Мигел во завршницата на второлигашкиот натпревар меѓу Андора и Тенерифе, одигран на 2 ноември.

Де Мигел почина следниот ден, на 31-годишна возраст, а Дисциплинската комисија на Фудбалската федерација на Шпанија минатата недела ја потврди казната за Овоно.

Во видеоснимка објавена на социјалните мрежи, Пике рече дека поранешни и сегашни фудбалери, тренери и други голмани сметаат дека инцидентот бил „несреќен случај“.


„Навистина верувам дека изрекувањето максимална казна за овој потег го става Хесус во ситуација што не ја заслужува, бидејќи тој не е виновен за сè што се случи“, рече поранешниот дефанзивец на Барселона, пренесува денеска „BBC“.

Суспензијата од 12 натпревари е максималната казна што можеше да ја добие 25-годишниот Овоно. Дисциплинската комисија можела да го разгледува само прекршокот на теренот, а не и „трагичниот исход на инцидентот“.

По одлуката, тренерот на Тенерифе, Алваро Сервера, рече дека го прифаќа фактот што прописите не ја предвидуваат конкретната ситуација, но призна дека казната „може да изгледа блага“.


Пике посочи и на неодамнешен инцидент на шпанските терени, кога крилниот фудбалер на Албасете, Хосе Корпас, ненамерно го удри во главата играчот на Сабадељ, Квадри Лијамид, на натпревар од шпанската втора лига.

Нигериецот Лијамид ја загуби свеста, но по лекарските прегледи беше пуштен од болница. Корпас, пак, доби директен црвен картон и суспензија од три натпревари.

„За среќа, Квадри е добро, последиците во тој случај не беа кобни, а комисијата одлучи да го казни Корпас со три натпревари. Со оглед на сето ова, се наметнува прашањето: што всушност се казнува, самиот потег или неговите последици?“, рече Пике.


Овоно се повлече од репрезентацијата на Екваторијална Гвинеја за квалификациските натпревари за Купот на африканските нации против Зимбабве овој месец. Пике истакна дека е малку веројатно голманот да се врати на теренот веднаш по истекот на суспензијата.

„На Хесус ќе му треба многу повеќе време од 12 натпревари за да биде подготвен и способен повторно да се натпреварува. Ниту една казна нема да ни го врати Де Мигел“, порача Пике.