[ВИДЕО] „Јован (7) беше во кома поради автоимун енцефалитис, сите се откажаа од него – денес е здраво 20-годишно момче“: Д-р Софијанова за најтешкиот и најемотивен случај во кариерата

Точка

17/11/2026

16:17

1.092

Големина на фонт

а а а

Еден од најтешките, но истовремено и најголемите професионални успеси во кариерата на д-р Аспазија Софијанова е случајот со малиот Јован, кој на само седумгодишна возраст се соочил со ретка и исклучително сериозна дијагноза – автоимун енцефалитис.

Она што започнало како навидум обична вирусна инфекција, прераснало во тешка битка за живот. Болеста предизвикала нарушување на функционирањето на имунолошкиот систем, кој наместо да го штити организмот, почнал да ги напаѓа сопствените структури во мозокот.

Јован западнал во кома, а неговата состојба била толку сериозна што било неопходно итно лекување надвор од земјава. Благодарение на медицинската интервенција и организираниот транспорт, момчето било пренесено во Клиничкиот центар во Љубљана, каде што следувала долгогодишна и неизвесна борба за неговиот живот.


За овој случај, кој оставил длабока трага во нејзината професионална кариера, д-р Софијанова зборуваше и во гостувањето во „Лазаров подкаст“.

„Го однесов во Љубљана, сите се откажаа од него, сите буквално. Од обичен вирус Јован направи автоимун енцефалит, некако со него почна ерата на автоимун енцефалит. Значи самите вируси против сопствениот организам прават антитела.

Скоро три и пол години беше на механичка вентилација во Љубљана во Клиничкиот центар и излезе од механичката вентилација. Сега е момче на своите 24, 25, 26 години којшто има девојки, кој што е среќно дете и сум горда на тоа затоа што јас знам како сум го однела, во каква фаза. И со какви апарати и со каков ризик.

Јас прифаќам ризик и стојам зад тоа и воопшто немам дилема. Кога стојам зад нешто, стојам“, вели д-р Софијанова. 

На коментарот на Лазаров дека таа „се бави со живот и смрт“, докторката додаде:

„И затоа не може секој тоа да го прави. И кога дебатираат на темата им велам да дојдат на Интензивна нега“.

Приказната за Јован е особено впечатлива поради времетраењето и тежината на неговото лекување. Речиси три и пол години бил зависен од механичка вентилација, а неговото закрепнување претставувало огромен предизвик за медицинските тимови.

Но, по долгата борба, неизвесноста завршила со најпосакуваниот исход. Јован излегол од кома, се одвоил од апаратите за механичка вентилација и постепено се вратил кон животот.

Денес, како млад човек во своите дваесетти години, живее нормален живот, ужива во секојдневието и ги остварува своите животни планови. За д-р Софијанова, неговото закрепнување е доказ дека и во најтешките медицински ситуации не треба да се губи надежта, но и дека навременото препознавање на ретките заболувања може да биде од пресудно значење.

Што претставува автоимуниот енцефалитис?

Автоимуниот енцефалитис е ретко, но потенцијално животозагрозувачко воспалително заболување на мозокот. Се јавува кога имунолошкиот систем по грешка создава антитела кои ги напаѓаат сопствените нервни клетки или протеини во мозокот, нарушувајќи ја нивната нормална функција.

Во одредени случаи, заболувањето може да се појави по претходна инфекција, иако не секој вирус предизвикува ваква автоимуна реакција.


Симптомите можат да бидат различни, а меѓу нив се промени во однесувањето и личноста, нарушувања на меморијата, епилептични напади, проблеми со говорот, движењата и свеста. Кај најтешките форми може да дојде и до кома, поради што е неопходно итно болничко лекување.

Токму затоа, препознавањето на симптомите и навременото поставување на дијагнозата се од исклучителна важност. Лекувањето зависи од причината и видот на автоимуниот енцефалитис, а може да вклучува имунотерапија, лекување на евентуалната основна инфекција и интензивна медицинска поддршка.