[ВИДЕО] Вукиќевиќ низ солзи ѝ се обрати на јавноста откако беше полиена со јогурт: Се чувствувам лошо бидејќи ме нападнаа Срби

Макфакс

17/11/2026

15:07

598

Големина на фонт

а а а

Лидија Вукиќевиќ, пратеничка од Српската напредна странка, беше нападната пред Народното собрание на Србија кога беше полиена со јогурт од страна на граѓани. Таа изрази чувство на лошо поради нападот и ја критикуваше неактивноста на полицијата во тој момент.

Лидија Вукиќевиќ, пратеничка од Српската напредна странка, која утрово беше полиена со јогурт пред Народното собрание на Србија, изјави дека се чувствува ужасно бидејќи, како што вели таа, била нападната од Срби.

„Се чувствувам ужасно бидејќи бев нападната од Срби. Јас ѝ се посветив на мојата земја и на мојот народ, а сепак дојдовме до точка каде што вакво нешто се случува пред Народното собрание“, рече Вукиќевиќ.

Таа напомена дека, и покрај вербалните навреди, им се насмевнала на присутните и ги поздравила.

„Тие имаат право на поинакво мислење, но вакво ниво на примитивизам и вулгарност…“ прокоментира таа.

Според неа, собраните луѓе почнале да ја влечат и да ја кубат за коса, пред да ја полијат со јогурт.

„Ова е неприфатливо. Тие се слаби како поединци, но многу силни кога се во група. Никогаш нема да се согласам со она што го прават и никогаш нема да се плашам од нив. Нека ме полијат и со 30 литри јогурт, баш ми е гајле – нека прават што сакаат“, изјави таа.

Вукиќевиќ упати критики и кон полицијата, тврдејќи дека не интервенирала.

„Каде оди оваа земја ако еден пратеник не е безбеден? Ниту еден полицаец не реагираше. Срам да ви е“, рече таа.

Инцидентот се случи утрово додека Вукиќевиќ влегуваше во зградата на Народното собрание, пред која се беше собрала група граѓани.