[ВИДЕО] Четири дена без храна и вода: Исак пронајден жив по уривањето на зграда во Њујорк

Точка

16/11/2026

18:06

148

Големина на фонт

а а а

Мачорот Исак, кој исчезнал откако минатата недела се урнала зграда во Бруклин, Њујорк, бил пронајден жив по четири дена и вратен кај своите сопственици, соопштија градските власти.

Директорката на Канцеларијата за благосостојба на животните, Али Тејлор, изјавила дека соработувала со непрофитната ветеринарна организација „Флетбуш кетс“ за да го пронајде Исак и да го врати кај 13-годишната Зарија Колман, пренесе „Ен-би-си“.

Зарија и нејзината мајка за „Њујорк тајмс“ изјавиле дека работниците го пронашле Исак во шкафче под кујнскиот мијалник во станот, откако слушнале тивко мјаукање. Тие не можеле да влезат во станот поради страв дека уривањето, при кое бил откорнат надворешниот ѕид на нивната зграда, би можело да продолжи.

Пред да биде спасен, мачорот Исак поминал четири дена без храна и вода.

При уривањето на трикатна зграда во Бруклин на 12 ноември загинале осум лица, додека 17 биле повредени.

Зградата се урнала во отворен градежен ископ, каде што биле во тек градежни работи. Притоа бил откорнат и надворешниот ѕид на соседната зграда, со која била поврзана, а во која се наоѓал и станот на Зарија Колман.