Голем број Дедо Мразовци се собрале во четвртокот во Лондон, во училиште организирано од компанијата „Ministry of Fun“. Таму се подготвувале за претстојната божиќна сезона и учеле како правилно да го изговорат познатото „хо, хо, хо“.
Учесниците, облечени во црвени костими и со бели бради, најпрво прошетале низ улиците на Лондон. Потоа, во сала слушале предавање насловено „Сериозната работа на Дедо Мраз“ и разменувале искуства.

„Во школото собираме голем број Дедо Мразовци во една просторија и учиме кои играчки се најпопуларни оваа година. Споделуваме приказни и искуства за тоа што можеме да направиме подобро и како да бидеме поинклузивни, како и корисни совети што ќе ја направат оваа година уште помагична за семејствата и децата“, изјавил еден од учесниците.
Мет Грист, директорот на компанијата „Ministry of Fun“, рекол дека за нив Божиќ започнува уште кон крајот на август, кога пристигнуваат првите резервации. Тој на шега рекол дека „вистинскиот Дедо Мраз“ секоја година им се јавува и ги замолува за помош.
„Сè започнува рано, прекрасно е и исполнето со радост, но работата е напорна. Мислам дека вистинската божиќна радост започнува кога ќе ги соберете сите овие прекрасни господа и дами во една просторија, обединети со заедничка страст и заедничка цел“, изјавил Грист.
Тој додал дека вo училиштето навистина може да се почувствува дека празничната сезона започнала. Речиси може да се почувствува и мирисот на божиќните пити со овошен фил, иако ги нема во салата.

Еден од учесниците покажал како го изговара познатиот поздрав. Според неговите зборови, сè започнува со силно „хо, хо, хо“, кое потоа постепено се стишува и преминува во смеа.
„Длабоко вдишувате, и тоа од дијафрагмата. Тоа е сосема природно, а јас на крајот секогаш се смеам“, објаснил тој.
„Едноставно ги сакам децата и сакам да ја видам радоста на нивните лица кога ќе го здогледаат Дедо Мраз“, изјавил друг учесник. За празничната сезона се подготвува така што се потсетува на минатогодишните искуства и разговара со колегите, од кои некои ја работат оваа работа и подолго од него.
Фото: Ројтерс









