Италијанската премиерка Џорџа Мелони истакна дека постојат премногу формати за преговори за Украина и наведува дека улогата на Италија во процесот не е секогаш пресудна. Таа еден од кандидатите на списокот за преговарач на ЕУ со Русија за завршување на конфликтот, а во Даблин изјави дека прашањето за учеството на европските земји кои не се членки на ЕУ останува отворено.
Постојат премногу формати за преговори за Украина и не е важно дали Италија е вклучена во нив како преговарач или не, изјави денес италијанската премиерка Џорџа Мелони на маргините на самитот на Европската политичка заедница во Даблин.
„Како Италија, ние отсекогаш сме биле присутни во секој формат во кој било побарано наше учество. Го правевме тоа и продолжуваме да го правиме, со јасна намера да дадеме позитивен придонес“, рече Мелони како одговор на прашање за претставникот на Европската Унија за преговори за Украина, објави „Анса“.
Таа додаде дека фактот дека Италија може или не може да биде дел од одреден процес, сепак, не ја менува проценката дека има премногу формати што се занимаваат со прашањето на Украина.
Британскиот весник „Дејли Телеграф“ минатиот месец објави дека Мелони е на потесниот список од пет личности што се разгледуваат за улогата на преговарач на ЕУ со Русија во врска со завршувањето на војната во Украина.
Други личности на потесниот список се финскиот претседател Александар Стуб, норвешкиот премиер Јонас Гар Стере, чешкиот претседател Петр Павел, како и данскиот премиер Мете Фредериксен, објави британскиот весник, пренесе Танјуг. Германија и Франција наводно се против кандидатурата на Мелони.
Таа во Даблин изјави дека нема ништо против претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, да биде преговарач, но дека прашањето за европските земји кои не се членки на ЕУ, како што се Велика Британија и Норвешка, останува отворено, додавајќи дека верува оти и за тоа може да се најде решение.








