„Jaguar“ се враќа на проверениот рецепт и ја поврзува женската убавина со својот дизајн

Точка

12/11/2026

07:37

449

Големина на фонт

а а а

По претежно негативните реакции на „woke“ кампањата со која го најави големиот пресврт во дизајнот, „Jaguar“ се врати на класиката – фотографирање автомобили покрај убави жени.

Познатата фотографка Ени Либовиц и актерката Флоренс Пју, првата амбасадорка на новата ера на британската марка, ги здружија силите во новата кампања за луксузниот модел „Jaguar Type 01“. Креативното дуо се посвети на визуелното претставување на новиот модел и создаде серија фотографии што ги спојува уметничкиот израз и автомобилскиот дизајн.

Соработката е продолжение на партнерството што ја следи промената на идентитетот и визијата на британската автомобилска марка, но воедно означува и јасен пресврт во пристапот. Откако јавноста не ја прифати „woke“ кампањата како што очекуваа, од „Jaguar“ сега се враќаат на класичното поврзување на женската убавина со автомобилите.


Необичен спој

Серијата фотографии беше претставена по светската премиера на моделот „Type 01“ во њујоршкиот простор „Storied NYC“, каде што некогаш се наоѓало студиото на Ени Либовиц. Фотографката истакна дека сакала автомобилот и актерката да ги прикаже како два рамноправни лика во кадарот. „Најмногу ме интересираше како во оваа серија портрети да фотографирам два извонредни, но сосема различни субјекти. Флоренс внесува топлина, присуство и човечност, додека ’Type 01‘ има скулптурална, прецизна и впечатлива форма“, изјави Либовиц, додавајќи дека и кон автомобилот и кон актерката пристапила со иста љубопитност.


Дизајнот на „Type 01“ почнал со една линија на празен лист хартија. Моделот се издвојува со нагласените пропорции, ниската линија на покривот, долгата хауба и елегантната силуета, објаснуваат од „Jaguar“. Од компанијата истакнуваат дека тоа е најнапредниот и најмоќниот модел во историјата на марката.

Овој луксузен „grand tourer“ ја продолжува традицијата на големите модели од минатото, меѓу кои особено се издвојуваат легендарните „E-Type“ и „XJS“. Новиот модел е целосно дизајниран, конструиран и произведен во Обединетото Кралство. Заинтересираните купувачи ќе можат да го нарачаат на почетокот на 2027 година, а почетната цена на „Type 01“ ќе изнесува 130.000 британски фунти.