Осудена на 100 удари со камшик бидејќи родила дете надвор од брак: „Не го заслужувам ова“

Макфакс

11/11/2026

20:44

313

Големина на фонт

а а а

Кениската државјанка Естер Ванџа Мутони е осудена на 100 удари со камшик во Саудиска Арабија поради раѓање на дете надвор од брак, што предизвика осуда од организациите за човекови права и отвори прашања за правата на жените и примена на телесни казни во земјата.

Кениската државјанка Естер Ванџа Мутони, која работела како домашна помошничка во Саудиска Арабија, е осудена на 100 удари со камшик откако родила дете надвор од брак, што организациите за човекови права го осудија како чин на насилство врз жените.

Според наводите, Мутони забременила за време на кратка врска со маж од Египет, кој во меѓувреме ја напуштил земјата, пишува британски „Гардијан“.

Пресудата била донесена минатиот месец, а таа за „Њујорк тајмс“ изјавила дека се плаши оти нема да може да ја издржи казната.

„Не го заслужувам ова“, порача Мутони.

Според шеријатското право што се применува во Саудиска Арабија, сексуалните односи надвор од бракот претставуваат кривично дело. Организациите за човекови права предупредуваат дека жените се несразмерно изложени на казнување во вакви случаи.

Основачката на организацијата „Do Bold“, која се залага за правата на работниците мигранти во земјите од Персискиот Залив, Екатерина Порас Сиволобова, изјави дека случајот на Мутони станал познат во јавноста бидејќи се породила во болница, која има обврска да го пријави породувањето на немажена жена кај властите.

Според неа, многу жени се породуваат дома за да избегнат пријавување.

Вршителката на должноста директорка на британската организација за човекови права АЛКСТ (ALQST), Маријам Алдосари, оцени дека пресудата претставува чин на насилство и дека Мутони требало да биде вратена во Кенија, наместо да биде казнета.

Случајот повторно го отвори прашањето за примената на телесните казни во Саудиска Арабија, и покрај реформата најавена во 2020 година, со која беше укинато камшикувањето за одредени категории прекршоци.

Реформата, сепак, не ги опфати сите дела за кои се пропишани фиксни казни според исламското право, вклучително и прељубата.