Зеленски: Многу сум задоволен од она што го слушам од САД

Макфакс

11/11/2026

07:00

1.964

Големина на фонт

а а а

Зеленски изјави дека е задоволен од пораките од САД поврзани со решавањето на војната со Русија и потврди дека трилатералните преговори во Абу Даби биле конструктивни. Тој исто така зборуваше за идејата за нова безбедносна архитектура за Европа која беше предложена од Русија.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека е многу задоволен од пораките што ги добива од Соединетите Држави во врска со чекорите кон решавање на војната со Русија, која трае повеќе од четири и пол години. Зеленски им се обрати на новинарите по целодневните разговори со нордиските лидери во Данска, додека во Абу Даби заврши првиот ден од трилатералните преговори меѓу Украина, Русија и САД, пренесува Ројтерс.

На прашањето за неодамнешните пораки од претседателските пратеници на САД, Џаред Кушнер и Стив Виткоф, Зеленски одговори: „Гледам промени. Многу сум задоволен од она што го слушам“. Зеленски се обидува да ги поправи односите со американскиот претседател Доналд Трамп, кои понекогаш беа нестабилни, особено по средбата во Овалната соба во февруари 2025 година, за време на која Трамп го обвини за неблагодарност. Преговорите во Абу Даби се првата трилатерална средба од февруари наваму, а Зеленски го опиша првиот ден како конструктивен и суштински.

Предлог за нова безбедносна архитектура

Во подоцнежна изјава за медиумите, Зеленски потврди дека дневниот ред во Абу Даби вклучувал дискусии за обликување на нова безбедносна архитектура за Европа – идеја што претходно истиот ден ја изнесе рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Украинскиот претседател го окарактеризира овој концепт како многу тежок.

„Сите сме многу претпазливи во однос на оваа тема, бидејќи никој навистина не разбира целосно што сакаат тие. Мислам дека ние разбираме, но никој ги нема видено документите – односно, суштината на она за што Американците разговараа со Русите“, рече Зеленски.

Тој потсети дека оваа идеја првпат ја изнесе рускиот претседател Владимир Путин уште во 2021 година, додека администрацијата на претседателот Џо Бајден во тоа време реагираше претпазливо, бидејќи сметаше дека редоследот на чекорите е од клучно значење.