[ВИДЕО] Спасовски до Финансиското разузнавање: Што му кажавте на Славески за парите и луѓето зад Алта банка?

Макфакс

11/11/2026

18:30

298

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието побара од директорот на Управата за финансиско разузнавање да објасни кога Народната банка побарала проверки за Алта банка Белград, што утврдиле тие проверки и какво мислење било доставено за потеклото на капиталот и за лицата кои управуваат со него.

Спасовски посочи дека гувернерот Трајко Славески во своето сведочење се повикал на добиени позитивни мислења од надлежните институции, меѓу кои ја навел и Управата за финансиско разузнавање. Токму затоа, нагласи тој, јавноста треба да знае врз кои информации и податоци се темелело постапувањето на институциите.

„При постапката за лиценцирање на Алта банка за мене беше логично и нужно да имате соработка со Народна банка, но таа моја логика е потврдена после исказот на гувернерот Трајко Славески којшто рече дека ги собрал сите мислења во однос на постапката за Алта банка, меѓу кои ја посочи и Управата за финансиско разузнавање и дека од таму се добиени сите потребни позитивни мислења во однос на работењето со Алта банка“, рече Спасовски.

Тој ја истакна одговорноста на Управата во следењето на финансиските текови, проверката на сомнителните трансакции и утврдувањето на потеклото на средствата на инвеститорите кои влегуваат во државата.

„Многу е важно инвеститорите во државата коишто влегуваат да видиме со какви финансиски средства располагаат и кое е практично нивното потекло“, нагласи Спасовски.

Во обраќањето тој го отвори и прашањето за разликата меѓу постапувањето на институциите во Македонија и во Австрија. Според него, Финансиското разузнавање треба да објасни кои информации ги прибрало и како тие влијаеле врз мислењето што го користела Народната банка во постапката за преземање.

„Практично финансиското разузнавање е тоа коешто ги прибира сите тие информации и податоци и на основа на тој склоп на информации и податоци вие практично можете да доставите одредено мислење коешто треба да го искористи гувернерот, односно Советот на Народна банка“, посочи Спасовски.

Тој нагласи дека утврдувањето на улогата на секоја институција е важно за граѓаните и побара конкретен одговор за времето, содржината и резултатите од проверките.

„Затоа моето конкретно прашање: кога беше побарано од гувернерот Трајко Славески, односно од Народната банка, да извршите проверки во однос на Алта банка Белград за купувањето на Стопанска банка Битола и на основа на тоа што укажавте на Народната банка во однос на капиталот и на лицата коишто го управуваат тој капитал во Алта банка Белград“, праша пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски.