Муцунски ја отвори македонската Амбасада во Вилнус: Ново поглавје во односите со Литванија

Макфакс

10/11/2026

17:10

217

Големина на фонт

а а а

Тимчо Муцунски официјално го отвори македонското дипломатско претставништво во Вилнус, Литванија, што означува ново поглавје во политичките и економските односи меѓу двете земји. Посетата беше искористена за разговори за евроинтеграцијата и соработката во рамките на евроатлантските структури.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска престојува во работна посета на Република Литванија, во чии рамки оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи Кештудис Будрис и официјално ја отвори првата резидентна Амбасада на Република Северна Македонија во Вилнус.

На средбата со министерот Будрис во фокусот беа натамошното унапредување на политичкиот дијалог, економската соработка, евроинтегративната агенда, актуелните безбедносни предизвици и соработката во рамките на евроатлантското сојузништво.

Посебно внимание беше посветено на европската интеграција, надминувањето на пречките и динамизирањето на пристапниот процес. Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната и принципиелна поддршка од Литванија за стратешката цел на државата, полноправно членство во Европската Унија.

Тој ја реафирмираше посветеноста на Владата на спроведувањето на реформската агенда, како и конструктивниот пристап кон изнаоѓање заемно прифатливо решение во билатералниот дијалог со источниот сосед, засновано на европските вредности и принципи.

Централен настан во рамките на посетата беше официјалното отворање на македонската Амбасада во Вилнус, со што се отвора ново поглавје во односите меѓу двете држави и се создаваат дополнителни можности за продлабочување на политичката, економската и институционалната соработка.

„Повеќе од три децении нашите две држави градат пријателство засновано на меѓусебна почит, доверба и вредности што ги споделуваме“, истакна Муцунски.

Воедно, тој изрази посебна благодарност за солидарноста покажана по трагичниот пожар во Кочани, кога четворица од најтешко повредените пациенти беа примени на лекување во Вилнус и Каунас.

„Македонскиот народ нема да го заборави тоа. Семејствата во Кочани нема да го заборават тоа. И јас нема да го заборавам тоа“, истакна Муцунски.

Министерот посочи дека новото дипломатско присуство ќе отвори дополнителни можности за економско, образовно, културно и технолошко поврзување.

„Гледаме можности за продлабочување на економските врски, зголемување на трговијата и инвестициите, за поврзување на нашите студенти, академската заедница и уметниците, како и за заедничка работа во областа на иновациите и дигиталната трансформација“, рече Муцунски.

На крајот, тој ја нагласи и пошироката улога на новата Амбасада во натамошното поврзување на двете држави.

„Оваа Амбасада ќе биде мост меѓу Скопје и Вилнус, меѓу нашите институции и бизнис-заедници, и меѓу нашите граѓани. Заедно, нашите две дипломатски мисии ќе создадат посилна основа за дијалог, соработка и нови можности што ќе создаваат конкретни придобивки за граѓаните“, истакна Муцунски.