Трамп: Постои неверојатно голема одбивност кон Израел, тоа е една од причините за поразот на републиканците

Макфакс

09/11/2026

15:10

311

Големина на фонт

а а а

Американскиот претседател Доналд Трамп ја посочува одбивноста кон Израел, конфликтот со Иран и зголемувањето на цените на горивата како главни причини за изборниот пораз на Републиканската партија, истакнувајќи ја потребата земјите што ги штити САД да учествуваат во воените трошоци.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека големата одбивност кон Израел, војната со Иран и зголемувањето на цените на горивата се меѓу главните причини за поразот на Републиканската партија на недамнешните избори за Конгресот, пренесува Си-ен-ен.

Во интервју за емисијата „60 минути“ на телевизијата Си-би-ес, Трамп оцени дека изборниот исход ќе бил поинаков доколку и самиот бил кандидат.

„Мислам дека исходот ќе беше сосема поинаков доколку јас бев на гласачкото ливче. Но, има и нешто повеќе. На луѓето не им се допадна војната. Не им се допадна ниту поскапувањето на горивата, бидејќи јас ги одржував цените ниски. Покрај тоа, постои неверојатно голема одбивност кон Израел“, изјави Трамп.

Тој се согласи со оценката на потпретседателот Џеј Ди Венс дека војната со Иран придонела за изборниот пораз, но нагласи дека не жали за одлуката за воена интервенција.

„Не смеете да дозволите Иран да добие нуклеарно оружје. Верувам дека историски гледано, ова ќе се покаже како многу добра одлука. Дали е добра одлука за денес и утре? Можеби не. Но, морам да го направам она што е правилно за нашата земја“, рече американскиот претседател.

Трамп најави и дека земјите што САД ги заштитувале, вклучително и Израел, ќе мора да преземат дел од воените трошоци.

„Земјите што ги штитевме ќе ни ги надоместат сите трошоци што ги имавме во војната, бидејќи без нас немаше да постојат. Без нас Израел немаше да постои“, изјави тој.

Неговите изјави доаѓаат во период на промени во американската политика кон Израел. Трамп претходно најави укинување на четири милијарди долари годишна помош за земјата, додека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека односите со САД ќе преминат во форма на „партнерство“.

Во меѓувреме, израелскиот претседател Исак Херцог му го довери мандатот за составување нова влада на Гади Ајзенкот, политички противник на Нетанјаху. Херцог предупреди дека Израел се соочува со големи безбедносни и дипломатски предизвици, особено во однос на Иран и повоената стабилност во регионот.