Активистите од Зелен хуман град ја критикуваат методологијата и содржината на Планот за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје, истакнувајќи дека планот содржи плагијат и неисправни анализи кои нема да помогнат во решавањето на еден од најголемите здравствени проблеми во градот.
Активистите на граѓанската иницијатива Зелен хуман град реагираат на Планот за подобрување на квалитетот на воздухот.
„Во 2026 година ни се претставува како „нов“ План за подобрување на квалитетот на воздухот во Скопје – документ од 179 страници (!) во кој се: препишани стари и научно спорни анализи, користени податоци за населението од пописот во 2002 година, преземена е целосно структурата на претходниот план изработен во рамки на европски проект, во библиографијата стојат недовршени белешки како на пр. „verify exact title and year“ и „verify station name““.
Од таму наведуваат дека цели делови се потпираат на претходно изработени документи, без соодветно наведување на оригиналните автори.
„На пример, анализата за изворите на загадување е преземена сосе сите недостатоци во истражувањето од Мираковски и неговиот тим без тоа јасно да се наведе.
И овој прескапо платен плагијат ни се претставува како сериозна стручна основа за решавање на еден од најголемите здравствени проблеми во Скопје!!!
Доктори на науки дозволиле нивните имиња да стојат зад документ со вакви пропусти кој во нормална земја не би поминал ни како семинарска“.
Дополнително, реагираат од Зелен хуман град, овој документ не бил презентиран во Советот на увид, за забелешки и корекции, а ниту, пак, за неговата јавна расправа биле известени членовите од Советот, избрани легитимно од граѓаните.
„Една од причините зошто загадувањето во Скопје со децении не се решава е точно ова: наместо темелни, независни научни анализи и доследно спроведување на прогресивни мерки, гориме јавни пари за неспособните партијаши да препишуваат застарени и нерелевантни документи со заклучоци што пет пари не вредат“.












