ПИОМ: Пензионерите да бидат спокојни, исплатата на пензиите е приоритет

Макфакс

05/11/2026

16:10

207

Големина на фонт

а а а

Средбата помеѓу директорот на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, гувернерот на НБРМ и претседателката на Сојузот на пензионерите ја истакна важноста на континуираната и непречена исплата на пензиите и ја охрабри јавноста да биде спокојна за моменталната состојба со Алта банка.

Директорот на Фондот на пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов денеска во просториите на Народната банка на Македонија, одржа средба со гувернерот на НБРМ Трајко Славески и претседателката на Сојузот на здруженијата на пензионерите на Македонија, Станка Трајкова.

На средбата стана збор за актуелната состојба со Алта банка и активностите што ги презема Народната банка за непречена исплата на средствата на пензионерите во банката.

Директорот на Фондот Мемов, гувернерот Славески и претседателката на Сојузот, Трајкова од средбата ги повикаа пензионерите да бидат спокојни, бидејќи исплатата на средствата на пензионерите и примателите на социјална помош е приоритет во активностите на Народната банка.

Мемов објасни дека Фондот на ПИОМ непречено и континуирано на сите пензионери што се обратиле, во сите филијали, им издава потврди коишто може да им послужат за да се пријават кај новоизбраниот носител на платен промет (банка), а каде што Фондот ќе ја врши исплатата на пензијата.

Неопходно е да се нагласи, велат од ПИОМ, дека целата процедура на избор на банка во која се прима пензијата, односно нејзино менување, се одвива индивидуално и одјавувањето, односно пријавувањето во банката каде што пензионерот ја прима пензијата не зависи од Фондот.

При промената на банката пензионерите треба да се одјават од банката каде што ја примаат пензијата и потоа да одат во банката каде што ќе продолжат да ја примаат пензијата. При тоа може да ја достават потврдата што ја издава Фондот, а во која е содржан пензискиот број на пензионерот. Ова е потребно поради тоа што банките секој месец доставуваат до Фондот список со трансакциски сметки на пензионерите кои примаат пензија кај нив и Фондот врз основа на тоа ја врши исплатата на средствата за пензии.

На средбата беше нагласено дека нема потреба пензионерите да брзаат со процесот на менување на банката, затоа што приорет на НРБМ е исплатата на средствата на пензионерите.