Што е тоа во нас поради што со часови стоиме и чекаме на дожд заради „крпчиња“? Научниците откриваат што му прави Црниот петок на мозокот

Точка

05/11/2026

16:43

142

Големина на фонт

а а а

Често сме сведоци на редици граѓани кои трпеливо чекаат да се отворат продавниците на нивните омилени брендови ширум светот. Ни лошото време не ги спречува во тоа, ниту работниот ден. Зошто?

Секоја година во ноември пристигнува Црниот петок со големи ветувања за огромни попусти и „понуди што траат само еден ден“. Понуди што изгледаат премногу добри за да ги пропуштиме ни „излегуваат од фрижидер“. Но, зад сето тоа се крие добро осмислена стратегија.

Црниот петок не е само ден на попусти. Тоа е и психолошки настан, внимателно осмислен за да го искористи начинот на кој нашиот мозок донесува одлуки, пишува „ScienceAlert“. Разбирањето на науката што стои зад овој процес може да ни помогне да препознаеме кога нè наведуваат да потрошиме повеќе отколку што сме планирале.


Брзо, брзо, трошете многу

Кога избираме меѓу повеќе опции, на пример дали да купиме нов телевизор, нашиот мозок ги проценува аргументите „за“ и „против“ секоја од нив. Ги споредуваме цените, карактеристиките, рецензиите и она што можеме да си го дозволиме. Кога ќе почувствуваме дека имаме доволно информации, донесуваме одлука. Обично, овој процес трае. Колку е поважна одлуката, толку повеќе информации сакаме да собереме.

Но, кога сме под притисок, работите се менуваат. Мозокот го намалува прагот на потребните информации пред да донесе одлука. Со други зборови, временскиот притисок нè тера да одлучуваме побрзо и со помалку докази. Тоа може да биде корисно кога брзината е важна. Ако пајак ви слета на раката, нема мирно да ги анализирате „предностите и недостатоците“ пред да го избркате. Но, за време на Црниот петок, истиот тој брз процес на одлучување може да нè наведе да купуваме импулсивно.


Ох Боже, речиси сè е распродадено

Освен што го користи чувството на „итност“, Црниот петок го користи и чувството на „недостиг“. Знаеме дека попустот трае кратко и дека многу луѓе купуваат во исто време. Тоа создава силно чувство на конкуренција – ако не реагираме брзо, ќе ја пропуштиме можноста.

Додека бараме телевизор, веб-страницата ни соопштува: „Останаа само уште 8 парчиња“ и „12 лица го имаат овој производ во кошничката“. Одеднаш, сè изгледа како трка. Дури и ако не сте планирале веднаш да купувате, можеби ќе почувствувате потреба да го додадете производот во кошничката пред да биде предоцна.

Чувството на недостиг го менува начинот на кој нашиот мозок ги обработува информациите. Кога веруваме дека нешто е ограничено, му припишуваме поголема вредност, мислејќи дека производот е добар само затоа што и другите го сакаат.


Што ли си мислев?

Кога донесуваме брзи одлуки, се потпираме на помалку докази и поголема е веројатноста да направиме грешки. Ова е позната психолошка појава наречена „компромис меѓу брзината и точноста“.

Под притисок, мозокот се обидува да пронајде кратенки за процена на опциите, како што е бројот на луѓе што го разгледуваат производот. Но, тоа може да биде помалку корисна информација од деталите како што се гаранцијата, квалитетот на производот или неговата долгорочна вредност.

Сигнализирањето дека нешто е достапно во ограничени количини, исто така, може да нè одврати од барањето дополнителни информации. Ако изгледа дека производот наскоро може да исчезне, споредувањето на цените или читањето рецензии ни се чини ризично. Производот би можел да исчезне додека сè уште размислуваме.

Мозокот сака предвидливи исходи и се обидува да избегне непотребен ризик, па наместо да бараме повеќе информации, реагираме брзо. Брзите одлуки не се секогаш лоши. Брзата реакција може да заштеди време или да спречи штета кога ги немаме сите информации. Таков пример е евакуацијата кога ќе се огласи противпожарниот аларм, дури и ако не сме сигурни дали навистина има пожар.

Но, за време на Црниот петок, трговците создаваат вештачко чувство на итност. Тајмерите, предупредувањата за „ограничени количини“ и банерите со натпис „само денес“ се осмислени да имитираат вистински недостиг, доведувајќи го нашиот мозок во состојба на преоптовареност при донесувањето одлуки. Кога ќе се активира чувството на итност, рационалното размислување паѓа во втор план. Престануваме да се прашуваме „Дали ова навистина ми е потребно?“ и почнуваме да размислуваме „Што ако ја пропуштам можноста?“. Тоа е вид размислување поради кое купувате нов телевизор што е само малку подобар од оној што веќе го имате.

Црниот петок изгледа како прослава на заштедата, но истовремено претставува и вистинска лекција за човековото однесување и невронауката. Разбирањето на тоа како функционираат овие тактики може да ви помогне да ја задржите контролата.


4 совети како да ја задржите контролата

• Планирајте пред да се појави притисокот – истражете што навистина ви е потребно и соберете повеќе информации пред почетокот на сезоната на распродажби. Ова помага кога мозокот треба да донесува одлуки под временски притисок.

• Одредете буџет и имајте го на ум – одлучете колку сте подготвени да потрошите и потсетувајте се на тоа додека купувате. Ова помага да се неутрализира ефектот на недостигот, потсетувајќи го мозокот дека постојат и други ограничувања.

• Направете пауза пред да купите – кога ќе почувствувате притисок, застанете за момент. Паузата му овозможува на мозокот да го стигне возбудувањето.

• Прашајте се: „Дали би го сакал/а ова и по редовна цена?“ – ова му помага на мозокот да се фокусира на вистинската вредност на производот.

Нема ништо лошо во тоа да уживате во добра понуда, но кога ќе се најдете среде возбудата, важно е да се потсетите што се случува во вашиот мозок и кој всушност профитира. Се надеваме дека ви помогнавме.