Полскиот премиер по поразот на републиканците во САД: Ја сакам демократијата

Макфакс

04/11/2026

16:30

283

Големина на фонт

а а а

Полскиот премиер Доналд Туск ги поздрави изборните резултати во САД каде демократите остварија убедлива победа, изразувајќи поддршка за демократијата и советувајќи го претседателот Трамп да не злоупотребува вето. Истовремено, најави дека промените во Конгресот ќе влијаат на стабилноста во Европа.

Полскиот премиер Доналд Туск ја поздрави победата на демократите на меѓуизборите во САД, порачувајќи дека демократијата победила во Америка. Тој му упати и совет на американскиот претседател Доналд Трамп да не го злоупотребува правото на вето.

„Денеска демократијата победи во Америка. Ја сакам демократијата“, изјави Туск на заедничката прес-конференција со чешкиот премиер Андреј Бабиш во Варшава.

Осврнувајќи се на изјавата на Трамп дека демократите завршиле добра работа, Туск порача: „Овојпат целосно се согласувам со него“.

Полскиот премиер ја коментираше и најавата на Трамп дека по губењето на републиканското мнозинство во Конгресот ќе стане „господин Вето“.

„Мојот совет би бил да не го злоупотребува ветото како начин на владеење“, рече Туск, повикувајќи се на искуството на неговата влада со претседателските вета во Полска.

Тој изрази надеж дека промената на односот на силите во американскиот Конгрес ќе придонесе за стабилизирање на политичките и безбедносните состојби во Централна и Источна Европа.

Чешкиот премиер Андреј Бабиш, исто така, ја оцени победата на демократите како убедлива и изрази надеж дека Трамп ќе се посвети на завршување на војната во Украина и конфликтот поврзан со Ормускиот Теснец.

Демократите на изборите одржани на 3 ноември освоија мнозинство во Претставничкиот дом и Сенатот, со што републиканците ја изгубија контролата врз Конгресот.