Во Франција започна судење на родители обвинети за занемарување што довело до смрт на нивниот 20-месечен син, кој починал од глад поради игнорирање на советите од лекарот.
Во Франција почна судење на родители обвинети за занемарување што довело до смрт на нивниот 20-месечен син. Малиот Малик починал на 19 април 2019 година во Савињи ле Тампл, а во моментот на смртта тежел само четири килограми, иако просечната тежина за таа возраст изнесува меѓу 10 и 12 килограми, пишува „Ле Паризиен“.
На родителите, Ноеми и Али, од 30 октомври им се суди во Мелен под обвинение за лишување од нега или храна што предизвикало смрт на дете.
Последниот лекарски преглед Малик го имал на 11-месечна возраст, кога педијатарот ја предупредил мајката дека губењето тежина е загрижувачко и дека детето мора итно да биде хоспитализирано. Сепак, таа никогаш не го однела во болница.
На судењето, таткото признал дека не бил доволно вклучен во грижата за детето и дека се потпирал на информациите од сопругата, која го уверувала дека сè е во ред.
„Прашањето за тоа занемарување ќе ме прогонува цел живот“, изјавил Али.
Судијата го прашал како не забележал дека детето е во критична состојба и зошто не побарал лекарска помош.
„Што требаше да се случи за да го однесете во болница? Детето не јаде доволно, не е добро. Има само четири килограми!“, прашал судијата.
Во текот на судењето било посочено дека мајката живеела во семејна изолација и се плашела од реакциите на сопругот. Психијатриското вештачење покажало дека имала ниска самодоверба и чувство на осаменост.
Според вештачењето, семејната изолација може да помогне во објаснувањето на околностите што довеле до трагедијата, но не ја намалува одговорноста на родителите.








