УГД Штип за акцијата на МВР: Нема да дозволиме сомнеж да ја наруши вредноста на дипломите на студентите

Макфакс

03/11/2026

11:40

252

Големина на фонт

а а а

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип реагираше на полициската акција поврзана со сомневања за злоупотреба на електронскиот систем за оценки. Тие истакнуваат дека имаат нулта толеранција кон корупцијата и злоупотребите, како и дека ќе соработуваат со МВР за расчистување на случајот, со цел да ја зачуваат вредноста на дипломите и довербата на студентите.

Во врска со денешните полициски дејствија и истрагата поврзана со сомнежи за злоупотреба на електронскиот систем за оценки од страна на вработено лице на Универзитетот, Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип информира дека УГД овозможува целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот.

Изјава од Универзитетот

„УГД има нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница и сметаме дека ваквите и слични случаи се во насока да се обезбеди подобро, поквалитетно и пообјективно студирање. Сакаме да ја увериме академската заедница, пред сè нашите студенти, наставниот и административниот кадар, како и пошироката јавност, дека УГД останува посветен на темелните академски вредности, на чесност и вистинитост, и останува проактивен во насока на сузбивање на девијантните појави. Нашите студенти и нивното образование остануваат во центарот на сите наши активности. Наставниот процес, академските обврски, научноистражувачката работа и меѓународната соработка со низа реномирани европски универзитети продолжуваат да бидат наш приоритет“, велат од Универзитетот.

Посветеност на транспарентноста

Како јавна високообразовна институција, додаваат од таму, ја уверуваме јавноста дека остануваме посветени на транспарентноста, отвореноста и институционалниот интегритет.

Заштита на вредноста на дипломите

„УГД нема да дозволи каков било сомнеж да ги наруши трудот и вредноста на дипломите на илјадниците чесни студенти и вработени. УГД има нулта толеранција за каков било облик на корупција или злоупотреба на службената положба. Институционалниот интегритет и довербата на нашите студенти се пред сè“, велат од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Тековна истрага

Соопштението доаѓа по информациите дека во УГД Штип во тек е истрага за вработен на Универзитетот за сомнителни манипулации со оценки. Полициски службеници вршат претреси на повеќе локации во Штип и Скопје во врска со сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“ од страна на раководител на информатички сектор при Универзитетот во Штип.