Општина Ѓорче Петров: Историски рекорд, над 193 милиони денари реализирани капитални инвестиции уште во октомври

Макфакс

03/11/2026

10:30

247

Големина на фонт

а а а

Општина Ѓорче Петров ја оствари најголемата реализација на капитални расходи во последните 14 години, со над 193 милиони денари инвестиции за првите десет месеци од 2026 година, што ги надминува резултатите од целите претходни години.

Општина Ѓорче Петров заклучно со октомври 2026 година оствари реализација на капитални расходи од 193.178.784 денари, што претставува највисок износ во периодот 2012-2026 година. Со резултатот постигнат за десет месеци веќе е надмината целогодишната реализација од сите претходни години во овој период, велат од Општината.

„Во споредба со 2025 година, кога биле реализирани 172.925.236 денари, годинашната реализација до октомври е поголема за 20.253.548 денари, односно за 11,7 проценти.

Споредено со 2024 година, кога капиталните расходи изнесувале 79.419.215 денари, реализираниот износ е зголемен за 143,2 проценти, односно е 2,43 пати поголем. Овие споредби ја опфаќаат реализацијата за првите десет месеци од 2026 година, наспроти целосните претходни календарски години“, соопшти Општина Ѓорче Петров.

-Нашата одговорност е средствата на граѓаните да ги претвораме во проекти што го подобруваат нивното секојдневие. Реализацијата од над 193 милиони денари уште во октомври покажува дека поставуваме повисоки цели и работиме на нивното исполнување. Благодарност до општинската администрација и до сите кои придонесуваат за овој резултат. Продолжуваме со истата посветеност, затоа што граѓаните очекуваат завршени проекти и видливи резултати, истакна градоначалникот Александар Стојкоски.

„Општина Ѓорче Петров и во преостанатиот дел од годината ќе продолжи со реализација на капиталните проекти, со фокус на потребите на жителите, подобрување на инфраструктурата и одговорно управување со јавните средства“, се додава во соопштението.