ДУИ: Случајот со Алта банка отвора прашања кои одат многу подалеку од проблемите во една банка

Макфакс

03/11/2026

10:30

281

Големина на фонт

а а а

Случајот со Алта банка отвора сериозни прашања поврзани со управувањето на јавните средства, финансиската безбедност на државните институции и потенцијалната поврзаност помеѓу политичките одлуки и банкарските интереси, а ДУИ бара институционално испитување и јавно објаснување на ситуацијата.

Случајот со Алта банка отвора прашања кои одат многу подалеку од проблемите во една банка. Станува збор за управувањето со јавните средства, финансиската безбедност на државните институции и можната поврзаност меѓу политичките одлуки и банкарските интереси, велат од ДУИ.

„Фактот дека Народната банка мораше да воведе привремена администрација и ограничувања во располагањето со средствата, додека јавни институции и претпријатија се соочуваат со неизвесност околу своето финансиско работење, бара итно и темелно институционално испитување. Особено загрижува прашањето колкав дел од јавните средства се наоѓаат во Алта банка и врз основа на кои критериуми државните институции и јавните претпријатија одлучувале да ги користат нејзините услуги“, велат од партијата.

Од ДУИ постауваат неколку прашања: Кој одлучил, кој ги одобрил тие одлуки и кој ја проценил финансиската изложеност на јавните средства, дали изборот на банката бил резултат на независни финансиски проценки и транспарентни процедури или постоело политичко влијание врз одлуките на институциите, дали биле анализирани ризиците поврзани со сопственичката структура на банката и дали постоеле предупредувања и, доколку постоеле, кој ги добил и како постапил по нив?

„Овие прашања стануваат уште посериозни по информациите за постапките против сопственикот на матичната банка во Србија и сомневањата за финансиски злоупотреби кои се предмет на истрага таму. Затоа, бараме Владата и Министерството за финансии јавно да достават целосен преглед на сите државни институции, јавни претпријатија и други субјекти под државна контрола кои имале средства во Алта банка, со точните износи, датумите на отворање на сметките, правната основа и лицата одговорни за донесувањето на одлуките. Истовремено, Народната банка треба да ги објасни надзорните постапки и проценките на ризикот, особено во однос на сопственичките промени и финансиските случувања во матичната банка“, велат од ДУИ.

Од партијата очекуваат Јавното обвинителство, во рамките на своите надлежности, да испита дали при насочувањето на јавните средства постоеле незаконски влијанија, злоупотреба на службената положба, конфликт на интереси или други противправни дејствија.

„Прашањето веќе не е само што ќе се случи со Алта банка. Прашањето е дали државата знае колку јавни пари се изложени на ризик, како тие завршиле таму и кој бил должен да ги заштити. Граѓаните имаат право на целосни информации, институциите имаат обврска да ги обезбедат, а евентуалната одговорност мора да биде утврдена врз основа на документи и факти“, велат од партијата.