Пакомак ја претстави новата еколошка иницијатива „Едно шише – два поени“, која од 1 ноември 2026 до 31 мај 2027 година ќе се реализира во основните училишта во скопските општини Карпош, Центар, Кисела Вода и Аеродром. Преку едукативни активности и натпревар меѓу одделенијата, иницијативата има за цел да ги поттикне учениците правилно да го селектираат амбалажниот отпад и да развиваат одржливи навики уште од најрана возраст, кои ќе ги пренесат и во своите семејства, поттикнувајќи заедничка грижа за животната средина.
„Веруваме дека најдобриот начин за создавање еколошки одговорни генерации е преку практични активности што ги мотивираат децата да бидат дел од промената. Со иницијативата „Едно шише – два поени“ сакаме да покажеме дека секое правилно селектирано шише е важен чекор, а кога зад него стојат тимска работа, натпреварувачки дух и заедничка цел, позитивните навики полесно се развиваат и стануваат дел од секојдневниот живот. Особено ни е важно што преку оваа иницијатива ги поврзуваме училиштата, семејствата и локалната заедница околу една заедничка цел – почиста животна средина“, велат од Пакомак.

Во рамки на иницијативата, учениците ќе собираат поени за своите одделенија со селектирање пластични шишиња и лименки, вклучително и преку нивно одложување во вендинг машините на Пакомак, за што ќе добиваат дополнителен поен. На почетокот на второто полугодие ќе бидат прогласени најдоброто одделение и училиште во секоја од четирите општини, а на завршниот настан пред крајот на учебната година ќе им бидат доделени подароци од Пакомак и пофалници од општините. Со иницијативата се очекува да бидат селектирани вкупно 2.330.000 пластични шишиња и лименки, со што учениците ќе дадат конкретен придонес кон правилното постапување со амбалажниот отпад.
Со оваа иницијатива, Пакомак продолжува да ја поттикнува еколошката едукација и активното учество на граѓаните во селектирањето и рециклирањето на отпадот, со посебен акцент на најмладите. Преку соработката со образовните институции и локалните заедници, компанијата придонесува кон развивање генерации кои ќе ја препознаваат важноста на одржливите навики и личната одговорност за животната средина.


Извор на фотографиите: Општина Карпош












