[ВИДЕО] Протести и судир со полицијата во Полска – премиерот Туск е обвинет за државен удар

A1ON.MK

31/10/2026

19:21

1.883

Големина на фонт

а а а

Варшава е зафатена од сериозна политичка и институционална криза откако група судии, во присуство на полициски сили, иницираа смена на раководството на Уставниот суд.

Полската опозиција ја обвини владата на премиерот Доналд Туск за обид насилно да преземе една од најважните институции во земјата, додека претседателот Карол Навроцки го прекина патувањето во Сенегал и веднаш се врати во земјата.

Пред судот во Варшава избија протести и судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Заменик-претседателот на полскиот Сејм, Марчин Хорала, остро го критикуваше премиерот Доналд Туск за настаните во Уставниот суд, оценувајќи дека постапките на актуелната влада сериозно го загрозуваат институционалниот поредок во земјата.

„Тој изврши напад врз Уставниот суд. Ова ја сведува Полска на ниво на ’банана-република‘“, напиша Хорала на социјалните мрежи.

Неговата реакција уследи по драматичните настани во петокот, 30 октомври, кога судијката Ана Корвин-Пјотровска објави дека го презема раководењето со Уставниот суд, а претседателот на таа институција, Богдан Свјенчковски, и неговиот заменик, Бартломјеј Сохањски, се привремено отстранети од функцијата.

Известувањето за нивната суспензија се појави и на веб-страницата на Уставниот суд, но претходното раководство ја оспори законитоста на таа одлука, тврдејќи дека станува збор за незаконско преземање на институцијата.

Во соопштението објавено по налог на Уставниот суд на социјалната мрежа „Икс“, се наведува дека Свјенчковски останува претседател, а Сохањски потпретседател на судот, при што се упатува обвинување дека учесниците во нивната смена вршат кривично дело – државен удар.

Сериозноста на конфликтот ја потврди и одлуката на полскиот претседател Карол Навроцки да го прекине патувањето во Сенегал и да нареди враќање на претседателскиот авион во Варшава.

„Во ваков момент, претседателот мора да биде во Полска. Го откажувам летот за Сенегал. Се враќам“, изјави Навроцки.

Според изјавите доставени до медиумите, полскиот претседател ги оцени случувањата во Уставниот суд како насилно преземање на една уставна институција, доведувајќи ја во прашање нивната законитост.

„Уставниот државен орган беше насилно преземен. Се консултирав со првиот претседател на Врховниот суд, судијата Збигњев Капињски, кој исто така смета дека постапките на оние што ја узурпираат власта во Уставниот суд не се законски“, се наведува во изјавата на полскиот претседател.

Според извештаите на полските медиуми, Капињски оценил дека ваквите настани се без преседан во една демократска правна држава и дека покренуваат сериозни прашања во однос на уставноста на преземените мерки.

Во исто време, стотици демонстранти се собраа пред зградата на Уставниот суд, меѓу кои и поддржувачи на опозициската партија „Право и правда“.

Полицијата распореди дополнителни сили, а за време на протестот беа урнати огради и кон полициските службеници беа фрлани предмети. Според извештајот на „Асошиејтед прес“, приведени се три лица.

Варшавската полиција соопшти дека нејзините припадници постапувале во согласност со своите законски овластувања, со цел заштита на јавната безбедност, отфрлајќи ги тврдењата дека со својата интервенција ја попречиле работата на Уставниот суд.

Притисокот врз полскиот премиер дополнително се зголеми откако пратеничката во Европскиот парламент, Ева Зајончковска-Херник, побара оставка од Туск, оценувајќи дека актуелната влада сноси политичка одговорност за настанатата криза.

Сепак, Туск ги отфрла обвинувањата на опозицијата и тврди дека неговата влада се обидува да го врати владеењето на правото по владеењето на партијата „Право и правда“.

„Враќањето на владеењето на правото е наша должност. По години беззаконие под власта на ’Право и правда‘, ова е тежок, понекогаш и болен процес кој бара одлучни дејствија. Друг начин не постои“, напиша Туск на социјалната мрежа „Икс“.

Во коренот на актуелниот конфликт лежи повеќегодишен спор околу составот и законитоста на работата на Уставниот суд.

Владата на Туск го оспорува начинот на кој биле избрани одредени судии за време на претходната власт, додека опозицијата и претседателот Навроцки сметаат дека актуелното парламентарно мнозинство се обидува да преземе контрола врз судството.