Стабилни и одржливи јавни финансии, продолжување со постепената фискална консолидација, создавање услови за економски раст и инвестиции, редовна и навремена исплата и раст на платите и пензиите, повеќе средства за здравствена заштита, социјални надоместоци и слично. Ова се основните цели на Предлог-буџетот за 2027 година, којшто денеска го усвои Владата, а пред јавноста на прес-конференција го презентираше министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Вкупните приходи со Предлог-буџетот за 2027 година се планирани на ниво од 395,4 милијарди денари или 5,7% повеќе споредено со 2026 година, додека вкупните расходи се проектирани на 440,4 милијарди денари или за 4,8% споредено со 2026 година). Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.
„Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети. Буџетот за 2027 година го подготвивме во услови на неизвесно меѓународно економско опкружување и екстерни ризици, поради што посебно внимание посветивме на реалноста на проекциите, одржливоста на расходите и ефикасното користење на јавните средства“, рече министерката на прес-конференцијата.
Таа потенцира дека во 2027 година даночната политика ќе остане предвидлива, со фокус на унапредување на наплатата, намалување на даночната евазија и дигитализација на даночните процеси. При тоа даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари или раст од 6,4% во споредба со 2026 година.
Министерката посочи дека со Буџетот во 2027 се обезбедува редовно и непречено финансирање на сите законски и договорни обврски на државата.
„Со Буџетот се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, повеќе пари за исполнување на обврските што произлегуваат од членството на државата во НАТО, при што за одбраната се планирани средства во висина од 2% од БДП за зајакнувањето на одбранбените капацитети, модернизацијата и опремувањето на Армијата. Посебен приоритет останува социјалната сигурност на граѓаните. За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што е зголемување за 4,1%, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8%, согласно законското усогласување. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, додека за активните политики и мерки за вработување се планирани 2,9 милијарди денари. За здравствена заштита се обезбедени 3,9 милијарди денари повеќе во споредба со оваа година. Исто така, за општините преку блок дотации и дотации за ДДВ се планирани трансфери во износ од околу 36 милијарди денари“, појасни министерката.
Според министерката особено значаен сегмент на Буџетот за 2027 година се капиталните инвестиции кои се планирани на ниво од 40,8 милијарди денари.
„Нашата определба е овие средства да бидат насочени кон проекти кои создаваат долгорочна вредност, ја подобруваат инфраструктурата и придонесуваат за поквалитетни јавни услуги. Притоа, не е важна само висината на планираните средства, туку и нивната реализација. Нашиот фокус е на навремено спроведување на проектите и на конкретни резултати на терен.
Дополнително, покрај капиталните инвестиции што директно се финансираат од Буџетот, во 2027 година продолжува реализацијата на значајни инфраструктурни проекти преку ЈПДП како што е Коридорот 8 и 10 Д“, рече министерката.
Напомена повеќе проекти кошто ќе се реализираат во патната и железничката инфраструктура, образование, дигитализација, посочи на започнување нови проекти и забрзување на динамиката на тековни проекти.
„Сите овие инвестиции имаат една заедничка цел – подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги, поголема продуктивност и создавање услови за развој на економијата“, оцени министерката за финансии.
Посочи дека финансирањето на буџетскиот дефицит и отплата на обврски кои што доспеваат во 2027 година ќе се обезбедува на домашниот и меѓународниот пазар. При тоа потсети дека следната година меѓу другото доспева за отплата Еврообврзница од 500 милиони евра издадена во 2023 година.
„Нашата определба е да градиме Буџет заснован на реални приходи, одговорно управување со расходите и јасно утврдени приоритети. Во 2027 година продолжуваме со фискална дисциплина, ефикасно користење на јавните средства и посилен фокус на капиталните инвестиции. Целта е да обезбедиме стабилни јавни финансии и да создадеме услови за одржлив економски раст и подобар животен стандард на граѓаните“, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.
Со Предлог-буџетот за 2027 година проектиран е раст на БДП од 3,8% и стапка на инфлација на ниво од 3,2%.
















