„Toyota“ подготвува нова генерација хибридни погонски системи што би можела значително да ги намали трошоците за возење. Јапонскиот производител развива целосно нов 1,5-литарски четирицилиндричен бензински мотор, со кој идните хибриди би требало да постигнат повеќе од 15 проценти подобра економичност на потрошувачката на гориво.
За разлика од досегашниот пристап, „Toyota“ овој пат не приспособувала постоен бензински мотор на хибридниот систем. Новиот мотор, електромоторот и електрониката од самиот почеток се развивани како единствена целина, што би требало да донесе помала маса, покомпактни димензии и поголема ефикасност.

Моторот ќе биде достапен во атмосферска и турбо-верзија, а атмосферската варијанта би требало да ги замени постојните 1,8-литарски четирицилиндрични и 1,5-литарски трицилиндрични мотори во хибридите на „Toyota“.

Големи промени пристигнуваат и во електричниот дел од погонот. Новите електромотори, инвертори и управувачката електроника ќе бидат помали и полесни, со користење компоненти засновани на силициум карбид, кои ги намалуваат електричните загуби. Со помало механичко триење, подобро управување со температурата и унапредена аеродинамика, „Toyota“ цели кон подобрување на економичноста на горивото за повеќе од 15 проценти.
Интересно е и тоа што новата генерација хибриди ќе користи платформа заедничка со електричните и плагин-хибридните автомобили. Покомпактниот погон ќе овозможи понизок капак на моторот, подобра аеродинамика и поголема слобода при обликувањето на внатрешноста.

Ваквиот пристап би требало и да го поедностави производството, бидејќи „Toyota“ ќе може полесно да го приспособува бројот на електрични и хибридни автомобили на побарувачката на различните пазари.

Сè уште не е потврдено кој модел прв ќе го добие новиот погонски систем, но како еден од главните кандидати се споменува следната генерација на „Corolla“. Неофицијално се очекува новата технологија да почне да се применува во текот на 2027 година.










