ЗНАМ го критикува Герасимовски за распределбата на помошта за пензионерите, пари добиле само оние што први се пријавиле

Макфакс

29/10/2026

15:10

137

Големина на фонт

а а а

Движењето ЗНАМ ја критикува Општина Центар за начинот на распределба на финансиската помош за пензионерите, поради што дел од најзагрозените не добиле средства, а распределбата се одвивала по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Советниците на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија во Општина Центар ја критикуваат распределбата на финансиската помош за пензионерите, обвинувајќи го градоначалникот Горан Герасимовски дека со принципот „прв дојден, прв услужен“ не им дал приоритет на оние на кои помошта им е најпотребна.

Во соопштението од ЗНАМ наведуваат дека седумте милиони денари наменети за пензионерите биле потрошени за само два дена, а средства добиле 1.400 од вкупно 3.754 пензионери во општината, според бројките што ги посочува партијата.

„Во јавниот повик стои дека помошта е за пензионери во социјален ризик со пензија помала од 28.000 денари, но критериумот беше ‘прв дојден, прв услужен’. Каде е тука приоритетот за оние со најниски пензии?“, прашуваат од ЗНАМ.

Оттаму бараат промена на начинот на распределба на средствата, оценувајќи дека досегашниот принцип е неправеден и не гарантира дека помошта ќе стигне до најзагрозените пензионери.

„Дали Општина Центар е за едните мајка, а за другите маќеа?“, прашуваат од партијата, обраќајќи му се на градоначалникот.

Од ЗНАМ го оспоруваат и тврдењето дека ветувањето за финансиска помош е исполнето, посочувајќи дека дел од пензионерите останале без средства.

„Пензионерите заслужуваат одговори, а не само фалби“, порачуваат од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија.